Скопје – И денеска на полиците во маркетите нема да има леб, велат пекарите. Тие остануваат на одлуката од понеделникот дека производство и испорака нема да има. Како што велат за МИА нивни претставници, подготвени се за разговор со надлежните институции, но тогаш кога ќе добијат официјална покана, а не „повик“ или „апел“ преку прес-конференција.

Според пекарите, никој не треба да очекува дека ќе има леб за 20 денари. Цената не требаше да се замрзне зашто тоа, потенцираат, се коси со уставното право за слобода на пазарот, ниту требаше да се укине субвенционираната струја зашто мерката даде резултат.

Денеска втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на граѓаните. (2 март)

Ковачевски: Владата е подготвена да разговара со сите кои ќе ја поддржат европската перспектива на земјата

Скопје – Собранието попладнево во рамки на 104. седница со 62 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан ги разреши замениците министри за одбрана, за земјоделство и за образование, по што продолжи со точката на дневен ред за избор на нови заменици.

Образложувајќи го својот предлог, премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница истакна дека со изборот на новите заменици министри се заокружува реконструкцијата на Владата, а Парламентот покажа дека има прогресивни сили и се надевам дека во иднина и натаму парламентарното мнозинство ќе расте.

– Пред нас е исклучително важен период кој повикува на одговорност, рече премиерот, потенцирајќи дека Владата е отворена за разговор со сите кои сакаат да ја поддржат европската перспектива на земјата, рече Ковачевски. (1 март)

Гир: Приклучувањето во ЕУ е кредибилен и реалистичен процес, фокусот да се помести на реформите

Скопје – Јасно ни е дека во Северна Македонија има разочарување што процесот на евроинтеграција трае предолго, но перспективата на земјата да се приклучи кон ЕУ е кредибилен и достижен процес, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на Вториот економски форум во Скопје.

– ЕУ и нејзината заложба во процесот на проширување особено со оваа земја не е милост, туку тоа е заемен интерес и јасно е дека за нашата безбедност, просперитет и демократски интерес е вие да бидете дел од ЕУ. Преговорите и скринингот почнаа така што сега фокусот треба да се помести на спроведување на реформите. Ова не е лесен процес. Веќе имате постигнато многу во процесот на реформи. Имате огромна поддршка од земјите-членки на ЕУ, а и оние што се надвор од ЕУ, така што перспективата на оваа земја да се приклучи на ЕУ е кредибилен процес, постиглив, достижен и реалистичен, порача Гир. (1 март)

МНР ги осуди провокациите на ракометниот натпревар Партизан-Вардар во Белград

Скопје – Министерството за надворешни работи соопшти дека во текот на вчерашниот ден стапило во контакт од српското МНР, упатувајќи реакција со осуда „за провокативните навреди и пароли“ демонстрирани за време на ракометниот натпреварот во Белград меѓу Партизан и Вардар од страна на навивачи на белградскиот клуб.

– Со овие непријатни активности освен што беа погазени принципите за фер и спортско однесување, беа длабоко повредени достоинството на РСМ и нејзините граѓани. Министерството укажа дека ваквите реакции од групи поединци воопшто не се во духот на одличните билатерални односи кои ги негуваат двете земји, се наведува во соопштението на МНР.

Министерството додава дека Србија се оградила од овие изолирани случаи на поединци, кои не ги отсликуваат позициите на официјален Белград во однос на нашата земја, ниту пак се во духот на заемните заложби за јакнење на севкупни билатерални односи. (2 март)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.