Скопје – Ирска отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на ЕУ засновано на заслуги, порача денеска од Скопје ирскиот министер за европски прашања и одбрана, Томас Бирн на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Бирн, чија земја го презема претседавањето со Советот на ЕУ во втората половина на следната година, нагласи дека членството во Унијата ја трансформирало Ирска на економски и социјален план и и донело просперитет. Тој додаде дека за време на претседавањето на Ирска со ЕУ проширувањето ќе биде навистина мошне битен приоритет.
– Членството на ЕУ го зацврсти местото на Ирска на светската сцена и би рекол дека нашиот суверенитет беше навистина значително засилен откако седнавме на таа маса… Исто така би сакал да кажам дека нашата култура и нашиот јазик, се значително сочувани со членството во ЕУ. Вие тука зборувате албански, македонски, ние зборуваме претежно англиски, но и ирски јазик. Ирскиот е официјален јазик според нашиот Устав, а и во ЕУ стана официјален јазик и тоа беше навистина мошне трансформативно, тоа беше голем чекор во целиот свет, рече Бирн.
Тој истакна оти е свесен дека нашиот пат кон членството е навистина долг, мачен и можеби изгледа како да нема крај.
– Но, ние мораме да го доведеме до крајот, мора да го доведеме до еден позитивен исход. И навистина се надевам дека ќе можеме да работиме со вас, билатерално, но и со колегите од ЕУ, во текот на нашето претседателство, за да дојдеме до вистинските чекори во тој процес, за луѓето од кај вас да кажат дека да ова е тука, ова го имаме пред нас и ние како народ сакаме да ги искористиме придобивките од сето тоа. Не само за луѓето од оваа земја, туку за луѓето од сите земји-членки, затоа што и тие ќе имаат корист од вашето членство, порача ирскиот министер.
Тој нагласи дека ги поддржуваат амбициите на земјава и ќе ја понудат секоја помош во тој процес со цел да се осигура да биде правичен и заснован на заслуги. (30 јули 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
