Скопје – Постигнувањата во надворешната политика ја одбележаа 2022 година и по однос на квалитет, квантитет и по интензивност. Постигнати се три пробиви – Брисел, Софија и Вашингтон, кои поминаа во сенка на најголемите случувања по Втората светска војна – руската воена агресија во Украина. Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година, оцени денеска на годишната средба со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Се на се, една исклучително активна, интензивна и успешна година во надворешната политика, оценува Османи.

Во однос на Брисел, покрај најдобрите оценки за 100-процентната усогласност со надворешната политика на ЕУ нотирана во Извештајот на ЕК, тој го подвлече пред се, како што вели, историското постигнување – почетокот на преговирте со ЕУ на 19 јули. (26 декември)

Џафери: Штом дојде предлог, подготвен сум веднаш да ја почнам постапката за уставни измени

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери на средба со новинари не кажа кога ќе почне постапката за уставни измени. Потенцира дека тој како претседател на матичната комисија е подготвен веднаш штом до него дојде предлог да ја почне оваа постапка. За евентуални предвремени избори напролет во корист на уставни измени, смета дека треба да се види интересот на процесот.

Не одговори кога ќе почне постапката за уставните измени и вели дека немало потреба од директна средба претседател на Собрание – премиер да разговараат по прашање за кое јавно се произнел и премиерот и другите чинители дека во моментов се нема соодветно мнозинство, дека се разговара со сите.

 -И во моментот кога ќе сметаат дека имаат услови да покренат иницијатива јас сум подготвен како претседател на Комисијата и на Собранието да постапувам согласно процедурата, откако ќе се добие иницијатива понатаму, истакна Џафери. (29 декември)

Мицкоски: Би било неодговорно на есен да има предвремени избори, февруари е последната можност

Скопјe – Втората половина на јануари и првата половина на февруари е последната можност за предвремени избори, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Посочи дека би било неодговорно на есен да има предвремени избори, да се трошат десетина милиони евра во услови на криза, за потоа да има претседателски избори во март и во април.

Според Мицкоски, неодговорно е повеќе оваа Влада да продолжи да функционира.

– Се погласно е незадоволството во рамките на пратеничките групи на партиите коишто ја поддржуваат оваа Влада. Тука пред се мислам на ДУИ и на СДСМ бидејќи гледаат како државата тоне, назадува, нема реформи, нема резултати, неспособни криминални политичари ја водат таа Влада и охрабрен од тие сигнали што ги добивам од пратеничките групи на СДСМ и ДУИ, мислам дека оваа година ќе се најдат 61 пратеник коишто ќе го распуштат овој Парламент, рече Мицкоски.

Ќе одиме на предвремени парламентарни избори, нагласи тој. (29 декември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.