Скопје – Согласно членот 14 од Законот за државјанство, Владата денеска побара да започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Олександер Онишченко, информира владината прес-служба.

– Владата го иницираше барањето за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната владина седница на којашто Агенцијата за национална безбедност информираше за случајот, се додава во соопштението.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство на Онишченко ја донесе Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека мора да се утврди одговорност за случајот. Тој потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции (23 ноември)

Џафери: Постапката за измена на Уставот најдоцна во првите месеци од следната година

Скопје – Постапката за измена на Уставот би требало да почне најдоцна во првите месеци од следната година за да се запази процедурата и периодот за носење на уставни измени. Оваа постапка би требало да заврши до крајот на скринингот што е планиран за ноември 2023 година, смета претседателот на Собранието Талат Џафери.

За тоа што ќе се менува со уставните измени и дали само Бугарите и/или припадници на други етнички заедници ќе бидат вметнати во Уставот, Џафери вели дека ќе зависи од она што ќе содржи одлуката за менување на Уставот што треба да биде доставена до Собранието.

Засега се изнесени само размислувања за други прашања кои би можеле да бидат основа за други уставни измени. Се зависи, вели Џафери, што ќе содржи одлуката за почеток на постапката за менување на Уставот.

Во Собранието почна седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која на дневен ред е Буџетот за следната година. Поднесени се 263 амандмани, најмногу од ВМРО-ДПМНЕ 200, 25 има АА, 22 СДСМ, 11 Беса, два ДУИ и три Алтернатива (23 ноември)

Штајнмајер идната недела во посета на Северна Македонија

Скопје – Претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмајер од 29 ноември до 1 декември ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Посетата на Штајнмајер, како што се наведува на официјалната веб страна на германскиот претседател, треба да се фокусира на ситуацијата во регионот, влијанието на руската агресивна војна во Украина и тековната поддршка на Германија за перспективите на земјата за пристапување во ЕУ.

Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Северна Македонија.

Во Скопје, како што е најавено, се планирани политички разговори на 29 и 30 ноември, меѓу другото, со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, а Штајнмајер треба да се обрати и во Парламентот. (23 ноември)

Северна Македонија станува членка на Унијата за Медитеранот

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Барселона ќе присуствува на свечениот чин на пристапување на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот, што ќе се одржи во рамки на Седмиот регионален форум на Организацијата.

На состанокот на шефови на дипломатиите од 42-те земји членки на Унијата за Медитеранот, Османи учествува на покана на министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, јорданскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Ајман Сафади и високиот претставник за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеф Борел.

По приемот на земјава во Унијата, Османи ќе учествува во работата на состанокот како претставник на рамноправна членка на организацијата. (24 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.