Скопје – Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска во интервју за МИА потврдува дека се соочува со одредени притисоци откако поинтензивно започнаа активностите на нејзиниот Кабинет за справување со корупцијата, јавното опоменување на одредени функционери и ставањето високо на агендата на прашањето за малата доверба во правосудството и состојбите таму.

Грковска, сепак, вели дека воопшто не ја загрижуваат ниту, пак, допираат до неа таквите „добронамерни укажувања“ и дека ќе продолжи да ја врши својата работа.

– Да ви кажам имало се во изминативе десетина месеци. Од се по нешто и се уште има, меѓутоа јас сум долго во политиката и знам вакви активности што се можат да предизвикаат и тоа не е нешто ново, ако можам така да се изразам. Мене не ме загрижуваат ниту пак допираат до мене таквите „добронамерни укажувања“ затоа што сметам дека се додека сум тука треба да си ја вршам обврската за која што сум се нафатила, професионално, одговорно, онака како што е најдобро за сите. Мислам дека за сите овие месеци сите сфатија дека сите такви „добронамерни укажувања“ немаат никакво влијание ниту на активностите на Кабинетот, ниту пак на моите изјави во јавност, истакнува Грковска во интервјуто за МИА.  (21 декември)

Пендаровски: Корупцијата и политичкиoт клиентелизам ја еродира довербата на граѓаните во институциите

Скопје – Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност.  Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите, порача претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање во Парламентот.

Надворешната политика, вели,  предолго ја одредува динамиката на политичките процеси во државата и потребен е фокус на внатрешен план, дома.

– Недоволното темпо на нашиот економски и социјален развој во транзицијата е последица на неколку внатрешни структурни фактори, но, една од клучните причини за долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи е корупцијата и со неа поврзаниот феномен на политички клиентелизам што ја еродира довербата на граѓаните во институциите, порача Пендаровски.

Неверојатниот медиумски интерес со кој беше проследена посетата на т.н. „тим за санкции” од САД, за Пендаровски, е најдобрата потврда за недовербата граѓаните ја имаат во домашните органи штом единствената надеж за правда ја гледаат во странските институции. (22 декември)

Пресудата од Арбитражниот суд во Париз е пристигната во Владата, во тек е нејзина анализа

Скопје – Пресудата на Арбитражниот суд во Париз со кој Северна Македонија ќе треба да плати оштета за договорот за ОКТА е пристигнат во Владата пред два-три дена и во моментот се разгледува и анализира од страна на адвокатскиот тим ангажиран од Владата.

Советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција рече дека адвокатскиот тим од Франција, што го има ангажирано Владата ја разгледува пресудата и дека по завршување на тој процес ќе бидат познати следните чекори што ќе се преземат.

Со донесената пресуда, како што посочи тој, преполовен е износот на оштета што го барала грчката компанија.

Станува збор за процес во кој земјава е тужена страна поради непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор на рафинеријата ОКТА случен во 1999 година.

Прашан за најавите од грчка страна дека овие средства ќе ги инвестираат во нафтоводот Солун-Скопје, советникот на премиерот рече дека за тоа во моментот не се разговара.

Дел од грчките и француските медиуми објавија дека Арбитражниот суд во Париз пресудил во корист на грчката компанија и дека Северна Македонија ќе треба да плати оштета од околу 25,5 милиони евра. (22 декември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.