Скопје – Направивме една исклучително важна работа и ја направивме апсолутно правилно, а тоа е дека зацртавме јасна визија и јасен пат на Северна Македонија во Европската унија, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

– Донесовме тешки одлуки како коалиција и како СДСМ за влез на државата во НАТО. Сега гледаме што значи да се биде земја членка на НАТО во време кога има конфликти на сите страни и во Европа и на Блискиот Исток и исто така, отпочнавме преговори со Европската унија со заштитен македонски јазик, заштитена македонска култура и заштитен македонски идентитет коишто веќе никој не ги доведува во прашање, рече Ковачевски.  

Претседателот на СДСМ во интервју за МИА нагласува дека тој и неговата партија имаат многу јасен став по однос на потребата од носење на уставните измени бидејќи тие претставуваат една од обврските што ги има Северна Македонија во делот на Преговарачката рамка. На прашање кога би можело да случат уставни измени имајќи ги предвид изјавите од албанскиот блок тоа да биде пред формирање влада или до Нова година, но и од германскиот пратеник дека ВМРО-ДПМНЕ до Нова година би усвоиле уставни измени, Ковачевски вели дека „кога ќе соберат храброст во секој момент можат да се јават во СДСМ“ и кај него и во Собрание да се изгласаат уставните измени. 

– Уставните измени јас ги имам потпишано и поднесено во Собранието. Значи, кога ќе решат, кога ќе соберат храброст другите политичари во државата истите тие кои не собраа храброст за да го поддржат членството во НАТО и истите тие коишто не собраа храброст за да влезат во сала кога се гласаше договорот ФРОНТЕКС, каде што за првпат имаме чист македонски јазик заедно со сите други јазици на Европската унија одобрен од сите земји членки на Европска унија вклучително и Бугарија и Грција што беше незамисливо пред тоа истите тие коишто не поддржаа влез на Македонија во времето на Киро Глигоров во Обединетите нации истите тие немаат храброст и денес. Кога ќе соберат храброст во секој момент можат да се јават во СДСМ и кај мене да одиме во Собрание и да ги изгласаме уставните измени со коишто уставни измени ќе влезат делови од други народи во нашиот Устав, бидејќи ние веќе имаме дел од други народи во Уставот, вклучително и бугарскиот народ каде што ќе се направи за првпат јасна дистинкција во еден документ дека има македонски народ и делови од бугарски народ со што се побива старата вмровска теза дека ова е регион во којшто има еден народ во две држави. Сега за првпат ќе имаме македонски народ и делови од бугарски народ. Кога ќе соберат храброст за тоа нека се јават, сакаат пред избори, сакат по избори, сакаат ден на избори, сакаат во 12 напладне, сакаат во 12 навечер, сакаат во 3 попладне, сакаат во 3 сабајле ние сме подготвени да ги донесеме потребните одлуки за иднината на државата, вели Ковачевски.

Во однос на тврдењата дека има мешања или обиди за мешање однадвор во изборната кампања, Ковачевски рече оти секако дека има обиди и мешање на трети страни не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија. Пред се, како што кажа, мисли на држави што не сакаат да ја видат Македонија како дел од ЕУ и коишто сакаат да имаме отворени прашања и отворени конфликти не само во Македонија туку и во регионот. (18 април)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.