Минхен – Уставните измени се само една од одлуките што државата треба да ги донесе во делот на пристапувањето кон ЕУ за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Потоа следуваат реформата во правосудниот систем, реформата во обвинителниот систем, за кои исто така е потребно двотретинско мнозинство. Доколку која било политичка партија ја условува поддршката на овие реформи со избори, тоа значи дека пред секоја реформа ќе треба да одиме на избори, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

– Затоа упатувам апел до сите опозициони партии дека процесот на европски интеграции е натпартиски, во кој сите треба да учествуваат, а политичката дебата може да се води на многу други теми и на тие други теми да се губат или освојуваат гласовите на граѓаните за кои било наредни редовни избори, нагласува Ковачевски.

Процесот на преговори, вели Ковачевски, не е процес на еден човек, на една Влада, на една политичка партија, туку е процес којшто ќе продолжи и во наредните години. (19 февруари)

Поединци и групи не сакаат добри македонско-бугарски односи и членство на регионот во ЕУ, вели Ковачевски

Минхен – И во Бугарија и кај нас има поединци и групи, па и политички партии, кои за жал се финансирани и поттикнати од трети страни, односно од држави, кои не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ, што веќе им е јасно на сите, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА дадено на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

– На официјалните институции и на Бугарија и на Северна Македонија им останува да продолжат со комуникација, која треба да се базира на институционална комуникација, на задржување на достоинството на институциите и граѓаните на двете држави и доколку продолжиме во таква насока, ќе имаме односи со соседна Бугарија, исто како што имаме и со соседна Србија, Грција и со Албанија, нагласува Ковачевски.

Тој потсетува дека нашите односи со Бугарија имаат и економска димензија и соработка во однос на стратешки проекти.

Запрашан зошто во Минхен не се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев, премиерот Ковечевски нагласува дека таквата средба не ни била планирана во неговата агенда. (19 февруари)

Власта повикува на дебата за уставните измени, опозицијата подготвена да разговара само за предвремени избори

Скопје – Власта преку вицепремиерот европски прашања Бојан Маричиќ ја повика опозицијата на разговори за уставните измени кои се услов за продолжување на патот кон ЕУ. Од ВМРО-ДПМНЕ експресно одбија и одговорија дека единствено за што може да се разговара се предвремени парламентарни избори.

– Мислам дека е време и со ВМРО-ДПМНЕ да разговараме, дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, да почне суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам, на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози. Доколку влеземе во таква дискусија, верувам дека ќе дојдеме до разумни аргументи, дека е навистина трагично да ја блокираме сопствената држава на патот кон Европската Унија поради ова прашање, истакна тој.

Тој појасни дека со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите.

На повикот од Маричиќ за дијалог, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека тој нема мандат ниту овластување од граѓаните да разговара нешто што не е одобрено од граѓаните.

Бесими: Одлуката за одложување на еврообврзницата е во координација со банките и инвеститорите, нема дополнителни трошоци

Скопје – Следната аукција за деветтата еврообврзница на РС Македонија ќе биде на сума од 600 милиони евра. Инвеститорите кои претходно наддаваа за неа, се заинтересирани повторно да се пријават на аукцијата која ќе се реализира веднаш по изборот на новиот министер за правда. Постапката за повторување на аукцијата, од правен аспект е и во интерес на инвеститорите, додека тврдењата кои излегоа во јавноста дека ќе се плаќаат некакви пенали кон нив се невистините, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Објаснувајќи го одлагањето на издавањето на еврообврзницата, Бесими посочи дека мислењето од министерот за правда не можело да се побара порано, бидејќи согласно процедурата од аукцијата на еврообврзницата до порамнувањето, односно издавањето на еврообврзницата, треба да изминат 5 работни дена. Тој наведе дека постојано биле во контакт со институциите, агентите и инвеститорите и од аспект на запазување на процедурата, најоптимална одлука е потворување на аукцијата. (17 февруари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.