Скопје – Владата донесе одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, информира денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.

Ковачевски верува дека институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците. Најави дека целиот процес ќе биде инклузивен и транспарентен . Тој упати апел за општествен консензус за постигнување напредок кон ЕУ, за вклучување на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница, како и повик до опозицијата активно да учествува, да го поддржи и помогне процесот. – Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е целта која си ја поставуваме. (5 септември)

Маричиќ ќе го предводи тимот што ќе преговара со ЕУ

Скопје – На денешната Владина седница е усвоена одлуката за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Во 2019 година, Владата донесе сет на мерки со кои се воспостави механизам, но се утврди неопходност и потреба истиот да се промени од повеќе причини. Процесот на проширување е сменет, а критериумите за членство во Унијата се изоструваат, особено по усвојување на ревидираната методологија за пристапни преговори во 2020 година, информираше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција. Маричиќ вели дека нема модел на искуство од земјите кои досега преговарале или сè уште преговараат, бидејќи оваа методологија првпат се става во функција.

“Се воспоставува главен преговарач, функција што ќе ја вршам јас како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. За хиерархиска консистентност, ќе има и заменик на главниот преговарач, таа функција ќе ја врши државниот секретар за европски прашања, Дрита Абдиу Халили“, информираше Маричиќ. (5 септември).

Ковачевски – Донев: Бугарија ќе излезе во пресрет на барањата за електрична енергија

Софија – Премиерот Димитар Ковачевски попладнево во Софија на средбата со претседателот на привремената бугарска Влада Галаб Донев на која клучна тема беше справувањето со последиците од енергетската криза договориле формирање работна група која треба да ги утврди техничките аспекти во врска со потпишување и склучувањето на договор во областа на електроенергијата за снабдување со количини во износ од 200 мегават-часа струја за потребите на Северна Македонија заклучно со март, следната година.

Ковачевски нагласи дека на средбата нашата делегација ги кажала деталите за она што го имаме како потреба која што доаѓа и од Стопанската Комора на Северна Македонија заради што и претседателот на Комората бил дел од делегацијата.  

“Во однос на цените што ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Бугарија согласно со директивитре и легислативата на ЕУ и согласно со легислативата на Северна Македонија. Исто така разговарвме и за количините што се потребни кај нас со оглед на тоа дека Бугарија е земја која е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитетите коишто ги има особено електрична енергија произведена од нуклеарна централа“, рече Ковачевски. (5 септември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.