Брисел – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ќе допатува во работна посета на Брисел, во чии рамки утре ќе учествува на Меѓународната конференција на глобалниот сојуз за борба против криумчарењето мигранти, организирана од Европската комисија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во рамки на Меѓународната конференција, Спасовски ќе има обраќање на панелот насловен „Одговор на криумчарењето мигранти“. 

Конференцијата ќе започне со воведно обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. (27 ноември)

Османи на Регионалниот форум на Унијата за Медитеранот во Барселона

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Барселона ќе учествува на Регионалниот форум на Унијата за Медитеранот. 

Како што информира МНР, Османи е поканет од високиот претставник и потпретседател на Европската комисја Жозеп Борел и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади.

Бујар Османи. Фото: МИА

На осмиот Регионален форум на Унијата за Медитеранот ќе учествуваат министрите за надворешни работи на 43 земји членки на Унијата за Медитеранот.

Во фокусот на дискусиите, како што наведува МНР, ќе биде ситуацијата во Израел – Палестина и последиците за регионот на Блискиот Исток. (27 ноември)

Блинкен оди во Брисел да зборува за демократијата и стабилноста на Западен Балкан

Вашингтон – Државниот секретарна САД, Ентони Блинкен од понеделник до среда оди за Брисел каде во рамките на состанок со НАТО ќе зборува и за регионалната стабилност на Западен Балкан, јавија денеска од Стејт департментот. 

Според портпаролот Метју Милер, во Брисел ќе се одржи првиот состанок на министрите за надворешни работи на Советот НАТО-Украина и ќе се истакне „цврстата заложба на НАТО за Украина во нејзината борба против руската агресија“.  

– Ќе се издвои и нашата подршка за демократија и регионална стабилност на Западен Балкан, и ќе се дискутираат приоритетите за самитот во Вашингтон во јули 2024, рече Милер. 

Блинкен ќе дојде и во Скопје на министерскиот самит на ОБСЕ што се одржува на 29 и 30 ноември. (25 ноември)

Роде: За Германија е многу важно земјите од Западен Балкан да бидат дел од ЕУ

Приштина – Амбасадорот на Германија во Приштина, Јорн Роде изјави дека за неговата земја е многу значајно Косово, заедно со другите земји од Западен Балкан, да станат дел од Европска Унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Јорн Роде, Амбасадор на Германија во Косово. Фото: МИА Архива

Во неговото предавање пред студентите на Универзитетот „Иса Болетини“ во Митровица, Роде рече дека европската интеграција на земјите од регионот е од општ интерес за континентот, посебно имајќи ја предвид руската агресија врз Украина.

– Во Европа има војна, и многу тензии кои доаѓаат како резултат на политиката на (претседателот на Русија, Владимир) Путин, која му носи регрес на континентот. За Германија е многу важно земјите од Западен Балкан да бидат дел од ЕУ. Не е дека само сакаме да му чиниме добро на Балканот, туку во прашање се и нашите севкупни интереси, рече Роде. (24 ноември)

Албанија го заврши процесот на скрининг со ЕУ

Тирана – Албанското Министерството за Европа и надворешни работи (МЕНР), информираше дека  во Брисел успешно е завршен процесот на проверка познат како „скрининг“.

– Овој процес траеше 14 месеци со 777 презентации, со учество на над 1.500 албански и 1.000 експерти од Европската комисија. Од 2022 година, беа одржани 300 објаснувачки и билатерални состаноци, се наведува во соопштението на МЕНР.

Исто така се додава дека овој процес ја приближува Албанија до Европска Унија и ја прави земјата поподготвена за понатамошните фази на интеграција. Следниот чекор, се посочува во соопштението, е отворање на првата група поглавја за основни прашања и се оценува дека е „поттик за интензивен ангажман, со цел да се забрза процесот на пристапување на Албанија во ЕУ”. (26 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.