Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Кишињев – Вицепремиерката и министерка за европски интеграции на Молдавија, Кристина Герасимов изјави дека земјата е подготвена да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ во септември.

Според неа, Кишињев го исполни главниот технички услов – скринингот, кој вклучува споредба на националниот и европскиот правен систем.

– На крајот сме од процесот на скрининг… Европскиот совет утврди дека Молдавија е подготвена да започне преговори за првиот кластер, кој се однесува на фундаменталните вредности, рече Герасимов.

Преговорите ќе започнат со главниот столб на европската интеграција – владеењето на правото, функционирањето на судството и фундаменталните права. За да го поддржат овој процес, властите во Кишињев одобрија три патокази за спроведување реформи во јавната администрација, судството и функционирањето на демократските институции.

– Постигнавме сè што е потребно како техничка основа за започнување преговори, а Брисел позитивно ги оцени преземените реформски обврски, додаде Герасимов.

Во контекст на хибридната војна на Русија во регионот, Герасимов ја истакна опасноста од дезинформациите и ги предупреди граѓаните да бараат информации од официјални извори.

– Ова не е прв пат нашата земја да биде нападната со цел да сее страв и да се предизвика нестабилност. Важно е да им се верува на граѓаните – тие можат да ја разликуваат вистината од манипулацијата, резимираше Кристина Герасимов. (7 август 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.