Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Процесот на проширување на ЕУ треба да остане заштитен од билатерални блокади и ревизионистички наративи и е неопходно воспоставување ефективни европски механизми за воведување и мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатерални прашања, со цел да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството, истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани на средбата во Берлин со неговиот германски колега Гинтер Крихбаум.

Како што соопшти МЕП, во таа насока била потенцирана важноста од зајакнување на европските инструменти за надзор, како гаранција за кредибилитетот на евроинтегративниот процес.

Муртезани изразил благодарност за континуираната германска поддршка и пријателство, подвлекувајќи ја важната улога на Германија во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, особено за принципиелниот пристап на Берлин во заштитата на европските вредности и одвојувањето на билатералните прашања од пристапниот процес, како што беше потврдено и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година.

– Во фокусот на разговорите беа и прашањата поврзани со евроинтегративниот процес при што заеднички беше констатирано дека трансформативната моќ на европската интеграција може да се реализира единствено преку пристап базиран на заслуги, кој ќе овозможи јасна и опиплива перспектива за граѓаните на земјите-кандидати, стои во соопштението на Министерството.

Муртезани нагласи дека европскиот проект не може да биде целосен без интеграцијата на Западниот Балкан и дека реформите, владеењето на правото и усогласувањето со европските вредности се услов без кој не може да се напредува, но и дека Унијата мора паралелно да обезбеди сопствена институционална подготвеност за проширување.

Тој ја поздрави и германската поддршка за постепена интеграција на земјите-кандидати во ЕУ, со зачувување на критериумите и европските стандарди, но и со обезбедување конкретни придобивки за граѓаните уште во текот на пристапниот процес.

Муртезани и Крихбаум разговарале и за актуелната Реформска агенда на Северна Македонија и за улогата на германските институции во евроинтегративниот процес преку поддршка на структурните реформи, јакнењето на владеењето на правото и доброто управување, како и преку реализација на бројни Твининг и Таекс проекти каде Германија често е водечки партнер.

Соговорниците размениле мислења за понатамошно унапредување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес, кој претставува клучна платформа за зајакнување на добрососедството, економската интеграција и мобилноста во Западен Балкан, како и за реализација на Зелениот договор и Заедничкиот регионален пазар. (24 јули 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.