По големите протести на земјоделците против зелените реформи и четири месеци пред европските избори, ЕУ ги објави климатските цели за 2040 година и патоказот за следната фаза на нејзината енергетска транзиција. Дваесет и седумте земји членки на Европската Унија имаат за цел да постигнат климатска неутралност до 2050 година, а до 2030 година сакаат да ги намалат емисиите на стакленички гасови за 55 проценти во споредба со нивоата од 1990 година. Наредната цел потоа – 2040 година – Европската Комисија (ЕК) цели за намалување од 90 проценти.

Најавата доаѓа во време широко распространети протести на земјоделците, кои ги заматија плановите за транзицијата на блокот кон позелена иднина. Земјоделците протестираа пред зградата на Европскиот парламент, незадоволни од намалувањето на приходите, зголемените трошоци и според нив се построгите зелени регулативи.

Еврокомесарот за климатска акција Вопке Хоеукстра изјави дека блокот се залага за „фер транзиција“, овозможувајќи им на бизнисите да напредуваат и обезбедувајќи „никој да не биде запоставен“.

Во знак на тоа колку политички оптоварен станува еколошкиот проблем, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен најави дека ќе го повлече предлогот за регулатива за одржлива употреба на пестициди до крајот на оваа деценија. Таа додаде дека предлогот „станал симбол на поларизација“, при што законодавството заглави поради поделбите меѓу европратениците и земјите членки на ЕУ. Незадоволство може да ги блокира обидите за усвојување на планот за намалување на емисиите за најмалку 90 отсто до 2040 година.

Европската комисија најави дека новата цел ќе придонесе за намалување на бројот на предвремени смртми случаи поради лошиот квалитет на воздухот на годишно ниво од 466.000 во 2015 година, на 196.000 во 2040 година. Исто така, очекува дека предлогот ќе „испрати јасни сигнали“ и дека пазарот на чиста технологија ќе порасне за 600 милијарди евра во 2030 година.

Од Брисел велат дека сега ЕУ одвојува четири проценти од целокупниот БДП за увоз на јаглеводороди и посочуваат дека помеѓу 2030 и 2050 година ќе мора да се вложат дополнителни 1,5 отсто од БДП во енергетската транзиција. Затоа Брисел предлага пренаменување на ресурсите со нивно оддалечување од „помалку одржлива намена, како што се субвенциите за фосилни горива“.

Предлогот, што ќе стане главна тема на предизборната дебата, мора да биде одобрен од сите земји членки и Европскиот парламент, што малку го ублажува нивото на амбиција во споредба со претходните нацрти со отстранувањето на директните наводи за напорите што мора да ги направи земјоделскиот сектор.

Екстремно десничарските и антиестаблишмент партиите се инволвираа во земјоделските протести, поради што се очекува да имаат големи придобивки на избоите во јуни. Лидерот на италијанската екстремно десничарската и антиевропска партија Лига, Матео Салвини, ги искористи протестите за да ја нападне ЕУ. – Да живеат земјоделците, чии трактори ја принудуваат Европа да се спротистави на лудилото наметнато од мултинационалните компании и левицата, изјави тој.

Реакции

Некои институции стануваат се погласни со нивните реакции кон климатските политики на ЕУ, а неколку лидери повикуваа на „пауза“ на новите правила за животна средина.

На иницијатива на Данска, 11 земји членки, меѓу кои и Франција, Германија, Шпанија и Словенија, испратија заедничко писмо до Брисел во кое се вели дека транзицијата кон „амбициозната“ цел до 2040 година треба да биде „фер и праведна“ и дека никој не треба да биде запоставен, особено не „најранливите граѓани“.

Амбициите не го постигнаа резултат што го посакуваат еколошките здруженија

Но, за еколошките здруженија, амбициите на ЕК не го постигнуваат посакуваниот резултат, на пример, отсуството на краен рок за постепено укинување на фосилните горива и поврзаните субвенции.

– Ова е исто како да се постави цел за спречување на рак на белите дробови без никаков план за се забрани пушењето, изјави Силвија Пасторели од „Гринпис“.

Според Светски фонд за природата, со оглед на тоа дека целта на Рамковната конвенција на Обединетите Нации за климатски промени е да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови на прединдустриското ниво и „имајќи ја предвид одговорноста на ЕУ во врска со историски емисии, поправедно би било да целиме кон нула нето емисии до 2040 година“.

Фондот го потенцираше фактот дека ЕК ја отфрлила целта за намалување на емисиите во земјоделството, кое ослободува 11 проценти од целокупните емисии на ЕУ, за 30 проценти, како што беше наведено во претходен работен документ.

Европската организација на потрошувачи (БЕУЦ) рече дека „колку и да се труди ЕК да се справи со земјоделците, фактите се тврдоглави работи: нашите системи за храна и земјоделство се голем дел од влијанието на ЕУ врз климата“.

Бугарските земјоделци

Бугарската Влада преговараше со Бугарската национална асоцијација на производители на жито и според премиерот Николај Денков веќе постои консензус со земјоделците за главните точки.

Но, по средбата на 4 февруари, земјоделците повторно излегоа на протест минатиот вторник и ги блокираа патиштата низ државата поради несогласување со некои точки.

Главните барања на одгледувачите на жито се законски измени со цел да се стигне до економска безбедност, обид да се сменат условите на Европската зелена агенда и субвенции од 200 лева по хектар (речиси 100 евра) за ублажување на последиците од војната во Украина. Според земјоделците, бугарската Влада треба да се заложи за изедначување на субвенциите и за поддршка на одгледувачите на жито низ Европа. Дополнително, тие бараат промени и олеснување на правилата на Европската зелена агенда кои наложуваат ротација, диверзификација и минимизирање на уделот на обработливо земјиште наменето за други цели.

Денков нагласи дека договорил преговори со ЕК за олеснување на новите еколошки барања.

Данскиот министер за клима Агард ја поздравува новата цел на ЕУ за 2040 година

Министерот за клима на Данска, Ларс Агард изјави дека најавата на ЕК пристигнува во вистински момент со климатската борба во ЕУ. – Гледаме демонстрации во европските престолнини и како владите ги намалуваат своите амбиции, изјави Агард, додавајќи дека ова се случува во земји кои обично се амбициозни за климатски промени. – Но, не смееме да ја изгубиме битката и затоа сум задоволен што Комисијата одлучи да ја следи препораката на Данска за поставување амбициозна дел, рече Агард.

Тој ја отфрли идејата дека најавата може да наштети на кредибилитетот на новата климатска цел бидејќи првата цел уште не е финализирана. -Создавањето доверба дека климатската политика ќе се продолжи и по 2030 година дополнително ја вреднува целта за 2030 година, нагласи Агард.

Новата висока цел доаѓа во време кога неколку земји веќе се борат да ја исполнат целта за 55 отсто намалување до 2030 година. Данска, исто така, допрва треба да укаже како значително да се намали јаглеродот диоксид.

Словенија и Италија го поздравуваат повлекувањето на регулативата за пестициди

Министерот за земјоделство на Италија, Франческо Логобриџида, ја поздрави најавата на Фон дер Лајен за повлекување на предлог-регулативата за пестициди, нагласувајќи дека „дополнително ќе ги ограничиме агрохемикалиите само кога ќе можеме да го заштитиме производството на алтернативни методи“.

– Од првиот ден се спротивставивме на идеолошкиот пристап кон прашањето (за еколошката транзиција) кој би имал разурнувачки ефект врз производството и ограничен ефект врз природата, рече Логобриџида.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони повлекувањето го нарече „победа за Италија“.

По најавата на претседателката на ЕК, според словенечката министерка за земјоделство Матеја Чалушич, Словенија предложила индивидуален пристап кон употребата на пестициди. Таа нагласи дека земјоделските површини во Словенија се фрагментирани, а пред да се донесат нови регулативи прво треба да се знае кои се алтернативите за заштита на посевите.

Словенија ќе мора да ги засили своите напори со цел да ја исполни препораката на ЕК, изјави секретарот на словенечкото Министерство за животна средина Урош Вајгл. Тој верува дека новата цел за 2040 година може да се постигне, но треба да се дискутира како е тоа можно.

Претставници од словенечките земјоделци остварија средба со Чалушич и понудија неколку решенија за директните плаќања. Таа рече дека ќе го поддржи предлогот на ЕК според кој земјоделците ќе бидат ослободени од тоа да мора да остават дел од земјиштето необработено во 2024 година и дека сè уште ќе добиваат финансиска поддршка.

Што сега?

ЕК нагласи дека иако целта е да се намалат емисиите на стакленички гасови за 90 отсто до 2040 година во споредба со нивоата од 1990 година, мора да се обезбеди и конкурентност на европската индустрија и да се одржи стратешки дијалог со индустријата и земјоделците. Целта за 2040 година не е законски предлог, туку првична препорака.

Новата цел исто така ќе функционира како патоказ на следната Комисија и ќе ги води долгорочните инвестиции во трката за зелена технологија, помогнати од САД, Кина, ЕУ и други развиени економии.

Во меѓувреме, земјоделците низ целиот блок продолжуваат со протести.

Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.