AFP, AMNA, ANSA, BTA, CTK, dpa, EFE, Europa Press, Lusa, TASR, Tanjug

– Се надевам дека ќе го усвоиме, рече еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави пред гласањето за реформата за азил. – Ова беше како маратон, рече таа во врска со донесувањето на пакетот до фазата на гласање. 

Европскиот парламент усвои сеопфатна реформа во врска со европските политики за азил, со која ќе се заострат граничните процедури и ќе ги принуди сите 27 земји од блокот да ја поделат одговорноста. 

Главните политички групи во парламентот се спротивставија на противењето од екстремно десничарските и екстремно левичарските партии за усвојување на новиот Пакт за миграција и азил. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го поздрави гласањето и нагласи дека тоа ќе ги „заштити европските граници(…) и истовремено ќе обезбеди заштита на основните права“ на мигрантите. 

Шпанското претседателство на Советот на ЕУ лани во декември постигна политички напредок кога мнозинството земји на ЕУ ги поддржаа реформите и го надминаа противењето од Унгарија и Полска. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц и грчкиот министер за миграција Димитрис Каиридис ја нарекоа реформата „историска“. Во интервју за Атинската новинска агенција, Каиридис рече дека грчката Влада ги поддржала напорите уште од самиот почеток и дека ова е историска одлука за „европското обединување“. 

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Европа постапува „ефикасно и хумано“, а италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси ја нарече одлуката „најдобриот можен компромис“. 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, од друга страна, ја нарече реформата „уште еден клинец во ковчегот на Европската унија“. 

– Единството е мртво, нема веќе безбедни граници. Унгарија никогаш нема да попушти пред лудилото на масовната миграција! Потребни се промени во Брисел за да се запре миграцијата!, напиша Орбан на социјалната мрежа X. 

Критики од невладините организации 

Хуманитарните организации за помош на мигрантите, исто така, го критикуваа пактот, кој вклучува изградба на гранични центри за задржување на барателите на азил и испраќање на некои од нив во „безбедни“ земји надвор од ЕУ. 

Амнести Интернешанл оцени дека е „срамно“ од ЕУ што го поддржува договорот иако „знае дека тој ќе предизвика поголемо човечко страдање“, додека Федерацијата на Црвениот крст побара од земјите членки „да гарантираат хумани услови за барателите на азил и мигрантите“. 

Самото гласање првично беше прекинато од демонстранти кои извикуваа: „Пактот убива, гласајте не!“, додека држеа плакати со слогани за осуда на реформите пред зградата на Парламентот во Брисел. 

Екстремната левичарска група Левица, која тврди дека реформите се некомпатибилни со посветеноста на Европа за почитување на човековите права, оцени дека тоа е „мрачен ден“. 

Францускиот европратеник Демиен Кареме од групата на Зелените, пак рече дека Пактот е „договор со ѓаволот“.  

Во јануари, шпанската министерка за инклузија, социјално осигурување и миграција Елма Саиз го бранеше Пактот за миграција од критиките на неколку левичарски партии кои го осудуваа непочитувањето на правата на мигрантите. Саиз го опиша Пактот како „чекор напред“, бидејќи ќе овозможи поголема координација на европско ниво и подобра интеграција на мигрантите на пазарот на трудот. 

Мерка за ублажување на приливот на мигранти на југ 

Според сегашните правила на ЕУ, земјата на прв влез треба да ја сноси одговорност за сместување и проверка на барателите на азил и враќање на оние кои не ги исполнуваат условите за азил, систем што ги стави јужните држави под притисок и ја поттикна екстремната десничарска опозиција. 

Новите гранични центри ќе служат да ги држат нелегалните мигранти додека нивните барања за азил не се проверат според новиот систем, со што ќе се забрза депортацијата на оние кои не ги исполнуваат условите. 

Земјите на ЕУ ќе треба да примат илјадници баратели на азил од државите од „првата линија“, како што се Италија и Грција. Во спротивно, тие би можеле да обезбедат пари или други ресурси за државите под притисок. Најмалку 30.000 баратели на азил годишно ќе бидат дел од овој систем за разместување. Годишна финансиска компензација од 600 милиони евра ќе биде фиксна за оние кои претпочитаат да платат наместо земјите домаќини. 

За земјите на прв влез, како што е Италија, фон дер Лајен увери дека отсега „повеќе нема да биде сама“ соочени со предизвиците што ги носи имиграцијата.  

– Тоа е најдобриот можен компромис… Италија одигра важна улога како и Европската народна партија (ЕПП), искоментира италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани

Еден ден пред конечното гласање, комесарката Јохансон истакна дека новиот Пакт ќе затвори „голем број дупки во однос на секундарните движења“. 

Веќе се планира по двегодишен период на транспонирање, „доколку некое лице пристигне во Португалија и побара азил во Португалија, треба да остане во Португалија“, објасни Илва Јохансон за новинската агенција Луса. Ова се случува во време кога постојат стравувања дека земјата може да биде врата кон ЕУ за мигрантите кои потоа сакаат да се населат во земји како Германија или Франција. 

Пакетот воспоставува итен одговор во случај на неочекуван пораст на миграцијата, како кризата со која се соочи ЕУ во 2015-2016 година, кога повеќе од два милиони баратели на азил влегоа во блокот, многу од нив од завојуваните Сирија и Авганистан. 

Бројот на барања за азил во 2023 година изнесувал 1,14 милиони, највисоко ниво на барања од 2016 година. 

Туск вети дека ќе ја „заштити“ Полска од механизмот на ЕУ за преселување на мигрантите 

Полскиот премиер Доналд Туск рече дека неговата Влада „ќе најде начин да ја заштити Полска од механизмот за преселување (на ЕУ)“. 

Полската десничарска партија Право и правда (ПиС), која беше на власт до изборите во октомври 2023 година, жестоко ги критикуваше реформите, а новата владејачка алијанса предводена од Туск и покрај нејзините главно про-ЕУ ставови, го задржа истиот став. 

Зделки за миграција 

Паралелно со реформата, ЕУ го репродуцираше истиот вид договор што го постигна со Турција во 2016 година за запирање на миграциските текови, но овој пат со Тунис и, неодамна со Египет, како пошироки договори за соработка. Сепак, многу европратеници ги критикуваа договорите. 

Бугарија, која граничи со Турција, е силно погодена од мигрантските текови од Турција. Годинава таа бележи пад на нелегалните преминувања во споредба со истиот период во 2023 година, изјави поранешниот бугарски министер за внатрешни работи Калин Стојанов на 22 март. Тој рече дека годинава имало 5.777 илегални премини, наспроти ланските 18.474. 

Противници 

Лидерката на францускиот екстремно десничарски Национален собир, Марин Ле Пен оцени дека промените ќе им дадат „правна неказнивост на невладините организации, соучесници со шверцерите“ на луѓе. 

Таа и претседателот на Национален собир и европратеник Жордан Бардела најавија дека ќе се обидат да ја поништат реформата по европските избори во јуни, по кои се смета дека ќе биде зголемен бројот на екстремно десничарските пратеници во законодавниот дом. 

Владата на Орбан потврди дека Унгарија нема да прима ниту еден барател на азил 

– Овој нов миграциски пакт практично дава зелено светло за илегалната миграција во Европа, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто пред гласањето, додавајќи дека Будимпешта „нема да дозволи илегалните мигранти да стапнат во Унгарија“. 

Словачката Република недвосмислено го отфрли новиот Пакт за миграција на ЕУ, додека по гласањето словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар потенцира дека не се согласува со одлуката за задолжителната прераспределба на нелегалните мигранти. 

Чешките европратеници изразија поддршка за некои елементи од миграцискиот Пакет, но отфрлија други. Нивниот став ги одразува критиките дека предлозите не се усогласени со сеопфатните решенија за миграцискиот предизвик и недостатокот на амбиција. 

Дополнително, чешките претставници изразија загриженост за неуспехот на пакетот да ги разреши стратегиите за спречување на миграцијата. 

Исход 

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола увери дека не е изненадена од резултатот и гласовите за различните закони од пакетот за имиграција, со оглед на тоа што станува збор за „политички чувствителни прашања“. 

– Сега или никогаш, рече потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас. – Пактот што го имате пред вас не е за обнова на Партенон. Никогаш не тврдевме дека ќе го правиме тоа, рече тој, додавајќи дека порано постоела „несистематска миграција“ која популистите ја користеле за добивање гласови. 

Откако Европската комисија ќе утврди како ќе се спроведува, мерките на новиот пакт ќе стапат на сила во 2026 година. 

———————————–

Проверка на факти:

Лажните и неточните информации во врска со миграцијата често се предмет на онлајн теории на заговор. Еве ја проверката на фактите на АФП на видеото на кое се прикажани мажи како напаѓаат италијански службеници за спроведување на законот во Марота во Италија, а не на Лампедуза како што се тврди лажно.

https://factuel.afp.com/doc.afp.com.33VE642

Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.