Скопје – ОБСЕ е живо, неговата вредност е поголема колку повеќе се користи за надминување на несогласувањата. Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата е директна закана кон основните вредности за кои се залага од 1975 година, се главните пораки од Министерскиот совет на ОБСЕ што одржа вчера во Скопје.

Европските лидери ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ, а дел од нив ја напуштија салата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, според кого европските безбедносни прашања во ОБСЕ не се третираат на вистинскиот начин. 

Поради доаѓањето на Лавров во Скопје, министрите за надворешни работи на Украина, Естонија, Летонија, Литванија, Романија и Полска го откажаа своето учество на Министерскиот совет, но делегации од земјите, сепак, допатуваа на состанокот. (1 декември)

Ковачевски: Сите во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, доверба и соработка

Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Фото: МИА

Скопје – Овој настан е кулминација на нашето претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности не е лесен ангажман. Кога во декември 2020 година со консензус ни беше доделена честа да управуваме со ОБСЕ, тешко кој можеше да предвиди дека пред нас ќе имаме вакви турбуленции и предизвици, како во поглед на тешкиот геополитички контекст и ескалацијата на безбедносните предизвици, така и во однос на функционалноста и иднината на самата Организација, изјави премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на 30. Министерски совет на ОБСЕ.

– Визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани, рече Ковачевски.

Споре него, сите ние во ОБСЕ „имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка, историјата ќе не суди по нашите дела“. (30 ноември)

Османи: Ќе одговориме на тежината на моментумот и ќе обезбедиме предвидлива и конструктивна иднина за ОБСЕ

Скопје – На крајот од нашето претседавање испраќам порака на надеж дека нема да ја пропуштиме нашата средба со историјата, ќе одговориме на тежината на моментумот и дека ќе обезбедиме предвидлива и конструктивна индина за ОБСЕ, порача шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи во обраќањето на отворањето на 30. Министерски состанок на Организацијата во Скопје.

Обраќање на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Фото: МИА

– Северна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ во година на активна војна со досега невидените закани по европската безбедност и по меѓународениот поредок базиран на правила. Руската воена агресија врз Украина ги прекрши сите правила на ОБСЕ. Војната ги поктопа довербата, дијалогот и нашиот капацитет да испорачаме. Дијалогот и соработката беа заменети со поделби и поларизација. Консензусот стана оружје правејќи ги постигнувањето на практичните цели далечни и тешко достижни, рече Османи. (30 ноември)

Маричиќ: Формирање централна ИПА агенција за успешна реализација на проектите по моделот на ИПАРД

Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека треба да се размисли за формирање на ИПА агенција по примерот на ИПАРД агенцијата со цел успешна реализација на проектите.

– Моделот што го имаме со ИПАРД агенцијата или со агенцијата за Еразмус е успешен модел и можеби треба да се размисли за правење една ИПА агенција или мини тимови во секое министерство кои веќе ги имаме, но би добиле еден поинаков статус, можеби ќе бидат вработени во една централна ИПА агенција, а ќе работат секојдневно во институциите каде што се водат проектите, посочи Маричиќ.

Клучните насоки за решавање, како што рече, се пред сѐ пополнување на испразнетите места односно 20-те проценти испразнети места во ИПА структурата. Смета дека е потребно унапредување на оние кои што се најмалку пет години во структурите и не се унапредени, веднаш да бидат унапредени. (30 ноември)

О`Брајан за уставните измени: Не би гласал за некој што вели – имам подобра понуда, но не кажувам каква

Џејмс О’Брајан, помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија. Фото: МИА Архива

Скопје – Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан вели дека е важно Северна Македонија да изнајде начини за да се движи напред и дека единствен начин е да се реши прашањето за уставните измени. 

Прашан за ставот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат и дали има шанси за интервенции во Преговарачката рамка, О‘ Брајан вели дека нема да има подобра понуда.

– Има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како реагира на таа понуда. Ако велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Мислам и дека не би требало да гласате за нив, нагласи О‘ Брајан. (30 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.