Скопје – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да продолжи седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која на дневен ред се две предлог-одлуките поврзани со енергетската криза.

По расправата во матичната комисија, Парламентот треба да гласа за продолжување за уште половина година на кризната состојба, која е во во сила со одлука на Владата од 1 септември.

Според власта, прогласувањето кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со кризата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак смета дека причината за лошата состојба со електричната енергија во земјава е на недомаќинското работење и намаленото производство на електрична енергија. (26 септември)

Оваа недела ќе се знае од каде С.Македонија ќе набавува електрична енергија

Скопје – Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека оваа недела би требало да се знае од каде ќе се набавува електрична енергија. 

– Имаме ситуации кога цените одат до 1.000 евра по мегават и ако се понуди цена од 300 евра, тоа е навистина евтино зашто е помалку од една третина од цената на електричната енергија. Знам дека капацитетот на стопанството понекогаш не е толку подготвен да го плати, но се обидуваме да им обезбедиме, рече Битиќи. Оние кои се на регулираниот пазар, според Битиќи, не треба да стравуваат дека ќе нема струја, затоа што се обезбедени суровини за доволно производство.  Додаде дека граѓаните и 70 илјади компании кои се наоѓаат на регулираниот пазар не треба да стравуваат за електрична енергија до март следната година. (26 септември)

Ковачевски: ЕУ е најдобрата опција за нас

Њујорк – Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат најголем кредит, бидејќи предолго го чекаа овој момент. Разбирам зошто се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа. Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, нагласи попладнево премиерот Димитар Ковачевски на Генералната дебата на 77-то Генерално собрание на ОН во Њујорк.

– Ние едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа уште побрзо напред. Членството на Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата ЕУ посебно во новите околности на глобален план, истакна Ковачевски.

Тој во својот говор се осврна и на руската агресија врз Украина, нагласувајќи оти загрижувачки е тоа што агресијата доаѓа од постојана членка на СБ на ОН. (24 септември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.