Скопје – Во однос на евроинтегративниот пат на државава, дипломатијата, дали можеше да се испреговара подобра Преговарачка рамка, седумтемина кандидати за Вила Водно во предизборната дебата на Националниот сервис изразија различни ставови. За едни нема друга алтернатива освен ЕУ, особено во новиот геополитички контекст, за други на Европската Унија не и сме битни.

Кандидатот поддржан од СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски во однос на тоа како го толкува внесувањето на Бугарите во нашиот систем, рече дека потребни се уставни измени за да продолжиме во ЕУ.

Потребни се уставни измени за да продолжиме во ЕУ,

Стево Пендаровски, актуелен претседател и кандидат поддржан од СДСМ и Коалицијата

– Јасно е дека ако влеземе во уставни промени ова што го заговараме некои од нас во однос на тоа дека Бугарите треба да ги ставиме во устав заедно со други пет делови од народи, значи ако се отвора уставот, не би требало да се отвора секој понеделник, ако го отвораме можеме да го промениме и делот на овие 20 отсто, се разбира и во делот на од суспензивно во апсолутно вето. Значи, немам дилеми околу тоа, посочи Пендаровски.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател Гордана Силјановска Давкова вели дека требаше национален консензус за Преговарачката рамка.

Очекував да опстои претседателот на одбивањето на Преговарачката рамка,

Гордана Силјановска Давкова, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ

– Јас не го перцепирав како земи или остави. Апсолутно така не е. Од што се водам јас? Се водам од националниот и државниот интерес. Не смеело да се оди во Брисел без да се постигне консензус. Очекував да се одбие, да опстои претседателот на одбивањето на Преговарачката рамка и да се повика на националните и државните интереси. Ова не е завршена работа и мислам дека треба да се преобмисли, оцени Силјановска Давкова.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ и „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски смета дека ние не сме и битни на Европската Унија. – Колку тие ни се битни нам, толку и ние ним сме им битни. Од тие причини и ние исто така треба да поставуваме услови. Крајно дегутантно е да се однесуваме сервилно, смета Јакимовски.

За кандидатот на ДУИ и Европскиот фронт Бујар Османи, овој прозорец на можности не смее да се пропушти. – Често се кажува дека членството во ЕУ колку е меритократски е и геополитички. Сега вратата е отворена пак заради војната во Украина и ги чекаат земјите коишто ги исполнуваат условите за да влезат. После ова пак ќе се затворат вратите. Сега ни е шансата и затоа сметам дека е време за постигнување на државен консензус, вели Османи.

Сега вратата е отворена и ги чекаат земјите коишто ги исполнуваат условите да влезат,

Бујар Османи, кандидат на ДУИ и Европскиот фронт

За кандидатката на Левица Билјана Ванковска, „главната алтернатива е дека ЕУ за која овде зборуваме е бајка, а таа е сијамски близнак со НАТО“. – НАТО е во проксивојна во Украина така што целава работа не е онаа за која ние зборуваме и за која јас сум предавала. Во новиот мандат на претседателот светот ќе се промени. Тука мислам дека треба да се ослободиме од илузиите – бугарскиот договор кој најлесно се раскинува и Преспанскиот за кој треба малку повеќе време, оцени Ванковска.

ЕУ е сијамски близнак со НАТО… да се ослободиме од илузиите… светот ќе се промени,

Билјана Ванковска, кандидатка на Левица

За кандидатот на Коалицијата Вреди Арбен Таравари, треба да побараме гаранции од Европската Унија. – Се согласувам дека Договорот со Бугарија не беше транспарентен и инклузивен. Ова е состојбата во која што е и ние мораме да побараме некаква гаранција од ЕУ, истакна Таравари.

Кандидатот Максим Димитриевски од ЗНАМ истакна дека Брисел кажа дека е тешко да се промени Преговарачката рамка, но оти не е и невозможно. – Случајот со Србија и Црна Гора тоа го потврдува. Референдумот за Преспанскиот договор беше за НАТО и ЕУ, денеска ја немаме ЕУ. Денеска е чиста хипокризија да слушаме од тие што се на власт сега – ние денеска сме под Косово, истакна Димитриевски. (21 април)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.