Скопје – Северна Македонија ќе биде домаќин на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ што ќе се одржува во Скопје од денеска до 1 декември, на кој се очекува да присуствуваат околу 1000 делегати.

На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.

Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Иако засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров, аналитичарите не ја исклучуваат можноста за разговори за евентуално решение на конфликтот во Украина. (29 ноември)

Борел ќе присуствува на средбата на ОБСЕ во Скопје, но нема да разговара со Лавров

Брисел – Шефот за европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска изјави дека ќе допатува во Скопје на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), но нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Борел на денешната прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Брисел објасни дека не би сакал на советот на ОБСЕ седиштето на ЕУ да остане празно. Тој појасни дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради другите средби во Брисел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност објави дека е завршена главната работа на новите европски санкции против Русија поради војната во Украина и изрази надеж дека соодветната одлука ќе биде усвоена во декември. (28 ноември)

Османи за МИА: Забрзување на интеграцијата на Западниот Балкан во НАТО и ЕУ е единствениот лек за сите проблеми во регионот

Брисел – Потребен е координиран пристап помеѓу НАТО и Европската унија и забрзување на интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во Алијансата и ЕУ, бидејќи тоа е единствениот лек за сите проблеми што ги има регионот и за намалување на влијанието од трети страни, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за МИА од Брисел, каде денеска учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО.

– Латентните хибридни влијанија, коишто навидум не ги гледаме, постојано „роварат“ на некој начин со цел да создадат плодна почва за продолжување на недовербата во регионот, на несоработката, на тензиите, бидејќи само во такви услови малигните фактори можат да остварат влијание. Во стабилни услови, во соработка, во забрзан европски процес се намалува просторот за влијание, истакна Османи. (28 ноември)

Спасовски за МИА: Пад на обидите за илегален премин на македонските граници за 50 отсто 

Брисел – Обидите за илегално преминување на македонските граници оваа година бележат намалување за 50 проценти во споредба со лани, а за 50 отсто има и зголемување на ефикасноста во откривањето на криумчарењето на мигранти, со што сме единствена држава во регионот, која има така добри резултати и ефикасно се справува со илегалната миграција, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА во Брисел, каде денеска учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалниот сојуз за борба против криумчарењето на мигранти во организација на Европската комисија.

– Во континуитет веќе десет години ние се бориме со илегалната миграција, со криумчарењето на мигранти и секако неминовно со сузбивањето на организираните криминални групи, коишто се бават со криумчарење на мигранти, истакна Спасовски.

Тој потенцира дека во обраќањето на Конференцијата посебно ја истакнал оперативноста на Договорот со Фронтекс, со чии припадници македонската полиција спроведува заедничка акција на нашата јужна граница, од каде се над 95 проценти од обидите на мигрантите за влез во земјата. (28 ноември)

Георгиев: Ако Оценската мисија на ЕУ заклучи дека Судскиот совет треба да биде распуштен, ќе ја почитуваме одлуката

Скопје – Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев вели дека доколку Оценската мисија на Европската унија заклучи дека Судскиот совет треба да биде распуштен, ќе ја почитуваат таа одлука.

За емисијата „360 степени“ што се емитува на МРТ 1, Георгиев посочи дека функцијата не е вечна. 

-За мене зборувам, нема проблем. Ако е таква перцепцијата, ако е тоа препорака од релевантен фактор, тогаш нема дилема. Ништо не е вечно, тука сме да го спроведеме тоа. Прекин на мандатот за мене е многу реално ако се цени дека сето тоа ќе придонесе за да ги подобри состојбите за да имаме некаква доверба, истакна Георгиев. (27 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.