Скопје – Eвропратеникот и копретседател на партијата АЛДЕ Илхан Ќучук од конференцијата што ја организира ЛДП пред партискиот конгрес, порача дека за либералите е најважно проширувањето на ЕУ да продолжи зашто тоа може да придонесе за трансформација на општествата и економиите во земјите како Северна Македонија.

Тој истакна и дека Северна Македонија бележи стабилност кога се работи за внатрешните реформи, а реформите, напомена, не се само за доброто на политичарите, туку се за добро на целата земја, но посебно за идните генерации.

-Мило ми е што Северна Македонија бележи стабилност кога се работи за внатрешните реформи зашто тие се толку многу потребни за успех на земјата. Реформите не се само за доброто на политичарите, туку се доброто на целата земја, но најмногу за идните генерации. Европа се менува, се надеваме на подобро, и прави свои реформи. За нас либералите е најважно проширувањето да продолжи зашто навистина сметаме дека тоа може да придонесе за земјите како Северна Македонија да ги трансформираат своите општества и економии, но исто така и да бидат дел од поголемото семејство, истакна Ќучук во обраќањето. (20 ноември)

Шаља-Плавјанска за МИА: За да го подобриме квалитетот на живот, мора да инвестираме во човечки капитал и инклузивни општества

Скопје – Напредокот во здравствената заштита и грижа, зголемената покриеност и подобрениот квалитет на услугите, следствено зголемениот просечен животен век и намалувањето на глобалната сиромаштија овозможи светското население да достигне осум милијарди. Сепак напредокот, не ги засегна сите подеднакво –  постојат огромни разлики во пристапот до правата и квалитетните услуги, можностите за раст и развој и квалитетот на живот.

Ова го порачува во интервју за МИА шефицата на канцеларијата на Фондот за население на ОН (УНФПА) во Скопје, Афродита Шаља – Плавјанска, по повод одбележувањето на свет со осум милијади жители.

Ако за зголемување од седум на осум милијарди беа потребни околу 12 години, следната милијарда се очекува светското население да ја достигне до 2037 година или за околу 15 години.

За да го подобриме квалитетот на живот на населението од осум милијарди, мора да инвестираме во човечки и физички капитал и да изградиме инклузивни општества. Изградбата на поинклузивни општества ќе им обезбеди можност на оние кои сакаат да учествуваат во економскиот систем, вклучувајќи ги најмаргинализираните лица, да го сторат тоа, вели шефицата на канцеларијата на УНФПА во Скопје. (20 ноември)

Ковачевски: Начинот на изборот на Абази покажува дека се потребни дополнителни реформи во правосудството

Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски се согласува со ставот на Амбасадата на САД во однос на изборот на новиот шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и смета дека се потребни дополнителни реформи во правосудниот систем на државата.

-Јас се согласувам со изјавата на Амбасадата на САД. Како претседател на Владата и како Влада, ние немавме никаков удел во изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, со оглед на тоа дека се работеше за непосреден избор помеѓу самите обвинители и фелата. Како бил направен изборот, тоа може да ви го кажат најдобро обвинителите. Дали е според сите стандарди и според сите принципи на добро владеење? Тоа исто така може да ви го кажат самите обвинители или институциите вклучително и меѓународни институции што учествувале во спроведувањето на реформите во обвинителскиот систем во државата.

Оцени дека на тој систем му се потребни уште реформи, унапредувања, со оглед на тоа дека правосудниот систем во државата има кредибилитет од осум проценти.

Амбасадорката на САД земјава, Анџела Агелер во петокот упати критика за изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.(21 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.