Брисел – Мнозинството млади луѓе во земјава гледаат позитивно на ЕУ, но речиси половина не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на Унијата, што го потврдува растечкиот евроскептицизам кај младите во земјите кандидати за членство во блокот, се наведува во публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“.
– Овој јаз помеѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици, ја формира основата на младинскиот евроскептицизам. Затоа е потребна итна партнерски координирана и долгорочна акција во земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги препознае младите како креатори, а не само како публика, ќе ги адресира економските и институционалните бариери, ќе ги поврзе младите луѓе со конкретни европски програми, содржини и платформи и ќе ја направи комуникацијата на ЕУ релевантна, двонасочна и транспарентна, се наведува во публикацијата.
За потребите на публикацијата кон крајот на јуни 2025 е спроведена анкета со која биле опфатени 1.000 млади луѓе од земјава, која покажува дека 41 отсто од младите „позитивно“ ја перципираат Европската Унија, 24 проценти имаат „негативно“ мислење за неа, додека речиси 35 проценти изразуваат „неутрален“ став кон блокот.
Кога станува збор за иднината на Северна Македонија во ЕУ, истражувањето покажува дека 46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на ЕУ, додека 35,8 отсто веруваат дека членството е можно, но во подалечна иднина. Само 6,7 проценти веруваат дека земјата ќе може да стане членка на ЕУ во текот на следните пет години, додека 11 отсто не знаат или немаат мислење за ова прашање.
Кога станува збор за причините кои ги сметаат за најголема пречка за интеграција на земјата во ЕУ, дури 84,6 отсто од испитаниците ја посочиле „корупцијата“. По неа, со 61 отсто следуваат „билатералните спорови“ и со 60 проценти „ниската доверба во институциите“.
Во однос на тоа што буди најголем интерес кај младите во врска со ЕУ, дури 76,2 отсто ги навеле можностите за работа и живот во Унијата. По ова следуваат програмите за образование и млади, како што е Еразмус+, со 55,1 проценти, а на трето место со 50 отсто се заштитата на човековите права. Дополнителните области во интерес на младите поврзани со ЕУ ги вклучуваат заштита на животната средина со 48,1 отсто, дигитализацијата и иновациите со 44,5 проценти и културната размена со 32,2 отсто.
Интересен податок е и дека приближно 60 отсто од испитаниците оцениле дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема да ја намали емиграцијата на младите луѓе.
Во однос на тоа „Кои од шесте земји од Западниот Балкан имаат најголема шанса да станат членки на ЕУ во следните пет години“, дури 53,2 отсто од младите испитаници во земјава ја посочиле Албанија. По ова следуваат Црна Гора со 34,5 проценти и Србија со 14,7 отсто.
Само 8,2 проценти од младите луѓе во Северна Македонија веруваат дека земјата ќе се приклучи на ЕУ во следните пет години, што, според публикацијата, испраќа јасен сигнал, особено до домашните институции и носителите на јавни функции да преземат конкретни мерки за брзо враќање на довербата во европската перспектива и целосно решавање на корените на евроскептицизмот кај младите.
Во публикацијата се заклучува дека анкетата покажува комплексно јавно расположение, мешајќи го претпазливиот оптимизам за интеграцијата во ЕУ со постојаната загриженост за миграцијата и политичкото учество, особено кај младите граѓани.
– Анкетата го потврдува присуството на евроскептицизам кај младите, а во исто време нагласува широк спектар на можности и активности што можат и треба итно да ги преземат националните и институциите на ЕУ во соработка со младите луѓе и нивните организации, се наведува во публикацијата. (10 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
