Брисел – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со поддршка на Европската Унија изработи програма „Go Digital“, вредна 377 милиони евра, наменета за дигитализација на малите и средни претпријатија од Западниот Балкан со цел поттикнување на иновациите и растот во приватниот сектор.
Програмата ќе ги нуди овие средства за малите и средни претпријатија од регионот на Западен Балкан преку заеми, грантови и техничка помош за инвестиции во дигитализација, автоматизација и зелени технологии.
Како што е предвидено, ЕБОР ќе додели заеми во износ до 350 милиони евра на партнерски финансиски институции од регионот на Западниот Балкан, кои потоа ќе позајмуваат средствата на малите и средните претпријатија. Бизнисите ќе имаат можност да корист и стимулации за грантови во износ од 10 отсто од сумата на заемот, финансирани од ЕУ. Севкупно, ЕУ ќе обезбеди 27,6 милиони евра грантови и техничка помош за програмата преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ).
Програмата се надоврзува на успешната пилот програма во Босна и Херцеговина, преку која со инвестиции беа поддржани речиси 200 локални компании.
Според управниот директор во ЕБОР, Френсис Малиџ оваа програма има за цел да ги покрие технолошките празнини и значително да ја унапреди дигитализацијата на малите и средни претпријатија на Западниот Балкан, овозможувајќи им да станат поиновативни, попродуктивни и поконкурентни на глобално ниво.
Заменик-шеф на делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Адебајо Бабаџиде, пак оцени дека со лансирањето на оваа регионална иницијатива, Европската унија ја потврдува својата силна поддршка за малите и средни претпријатија, како столб на економиите во регионот.
– Преку оваа програма, околу 750 бизниси ќе добијат витална поддршка за иновации, дигитализација и прифаќање на зелените технологии. Иницијативата се надоврзува на успехот на нашиот пилот проект во Босна и Херцеговина вреден 11,5 милиони евра, кој веќе им помогна на над 200 компании да ја подобрат својата продуктивност и конкурентност, изјави Бабаџиде.
Според него, грантовите не само што обезбедуваат техничка експертиза и стимулации, туку и овозможуваат подостапно финансирањето за малите и средните претпријатија, со посебен акцент на оние раководени од жени. (10 април 2025)