Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје –  Бугарскиот претседател Румен Радев во прв коментар по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која предизвика реакции поради изоставувањето на македонското знаме на нивната заедичка фотографија во петокот во Софија, нагласува дека нејзината посета не била ниту официјална, ниту работна. 

Радев порача дека со претседателката на Република Северна Македонија имале многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера.

– Очекувам оваа искажана желба за отвореност да ја преземе Владата на РСМ, но нека биде јасно дека ова не беше ниту државна, ниту работна посета. Се надевам дека во блиска иднина претседатеката на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која со сите официјални средби согласно протоколот ќе придонесе и за натамошен развој на нашите односи. Ако го следиме протоколот, на ред е јас да одам таму, изјави Радев.

Средбата, дополнил Радев, беше многу конструктивна и во пријателски дух. – Ова е навистина добар почеток за целосно да и помогнеме на Република Северна Македонија, навел Радев.

Димитар Стојанов, советник на претседателот Радев и поранешен министер, пак за БНТ изјавил дека „посетата на претседателот на Република Северна Македонија била по повод културен настан и не била ниту државна ниту работна. – Поради тоа македонското знаме не беше ставено во салата бидејќи за вакви посети не е потребно строго почитување на државниот протокол, изјавил Стојанов. 

Заради фотографирањето пред бугарското знаме на  Радев и  Сиљановска Давкова на средбата во Софија, на бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, денеска му беше врачена протестна нота од директорот на Директоратот одговорен за регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласија оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.  

Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со „Набуко“, како чекор од културната дипломатија. (16 септември 2024 МИА)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.