Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Најодговорно тврдам дека никогаш од ниту една страна не дојде никаков притисок да се носи некаква одлука за сензитивни прашања. Во ниту еден случај освен притисокот од јавноста што беше константен и негативен за работата на Комисијата, изјави вечерва Драги Георгиев, претседател на Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија.

– Со ова искуство што го имаме сега од шест години не би се нафатил да работам во таква комисија со таква методологија. Мора да размислат и македонската и бугарската страна доколку продолжи работата да се смени самата методологија бидејќи ваквиот начин на работа нема да даде резултати, рече Георгиев во дневникот на Сител телевизија.

Објаснувајќи ја неговата реакција на оценките што ги изнесе за работата на Комисијата премиерот Христијан Мицкоски, Георгиев рече дека „премиерот ги навредил членовите на Комисијата, кои работеле шест-седум години и кои се академски граѓани кои успеале да изградат свој интегритет во македонското општество без разлика на сите неаргументирани шпекулации за нивната работа“. 

– И кога ќе дојде изјава дека не сме ги бранеле националните интереси, а притоа многу малку се познава работата на комисијата, крајно е некоректно и неправдено кон членовите на таа комисија. Кога некој кој не ја познава работата на Комисијата ќе даде таква паушална изјава дека не сме ги бранеле интересите, тогаш тоа е навреда за тие членови на Комисијата и е во крана линија продолжување на хајката што се води против членовите на Комисијата дека тие ги издале интересите на македонскиот народ, рече Георгиев. 

Во изјава на 26. минатиот месец премиерот најави кадровски промени во Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Според премиерот, актуелниот состав на Комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси. (3 септември)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.