Скопје – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Микалис Рокас, притоа посочувајќи дека неговата дипломатска мисија започнува во исклучително важен момент за европската иднина на земјата и во таа смисла изрази уверување дека со силна заемна посветеност ќе се обезбеди одлучен напредок на патот кон реализација на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ.
Како што соопшти Министеството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски изразил задоволство од досегашната континуирана поддршка на Европската Унија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјата, и ја потенцирал нашата подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси.
На средбата била акцентирана и важноста од што поскора интеграција на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, а во тој контекст бил поздравен и неодамна донесениот План за раст за Западниот Балкан, како значаен политички и финансиски влог на Унијата во регионот и дополнителен поттик за остварување на оваа заедничка цел.
Досега оваа функција во земјава ја извршува евроамбасадорот Дејвид Гир. (5 септември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.