Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

После терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователната војна на Израел во Газа, неколку европски земји забележаа пораст на антисемитизмот, додека во некои земји бројот на исламофобични напади се дуплирал. Овие се резултатите од годишното истражувањето на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРН) за главните трендови во 2023 година. ЕКРН е независно тело за мониторинг на човековите права на Советот на Европа, чиј фокус се прашања поврзани со борбата против расизмот, дискриминација, ксенофобија и нетолеранција.

„Во неколку земји, бројот на антисемитистички инциденти пријавени во последните три месеци од 2023 година далеку го надмина бројот што најчесто се однесува на цела година, а во некои случаи беше и многу поголем“, се вели во изјавата на ЕКРН. Истовремено, според истражувањето „како последица на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година врз Израел, бројот на антимуслимански инциденти се зголем многукратно“. Исто така „муслиманите беа обвинети за нападот и други напади на Блискиот Исток, врз основа на постоечки стереотипи за цели заедници и нивната перцепирана поврзаност со употреба на насилство“.

Муслиманите исто така честопати неправедно се обвинуваат за злосторствата извршени низ Европа. Пример за ова се неодамнешните настани во Велика Британија по убиството на три девојчиња на возраст од девет, седум и шест години. Првобитно, лажни гласини се ширеа на социјалните медиуми дека напаѓачот бил муслиман, барател на азил. Подоцна напаѓачот беше идентификуван како 17-годишник со потекло од Велс. Британските медиуми тврдеа дека неговите родители биле од Руанда. И покрај изјавата на полицијата, првичните немири во Саутпорт беа центрирани околу една џамија, а широко распространетото насилство од тогаш ја потресе Англија и Северна Ирска.

Антисемитистички напади опфатија широк спектар на инциденти, од говор на омраза, онлајн и офлајн – вклучувајќи закани со смрт – до вандализам и уништување на еврејски локалитети, како што се синагогите и гробиштата, до физички напади врз Евреите, тврди ЕКРН.

Европската Комисија е „особено загрижена“ бидејќи голем дел од инцидентите се случуваат во училиштата „што треба да се место каде идните генерации ќе учат за и практикуваат разновидност, инклузија и меѓусебна поддршка“.

Еврејската заедница во Европа се соочува со „пораст на антисемитизмот“, објави Агенцијата за основни права на Европската Унија во јули. „Ефектот од конфликтот во Блискиот Исток го еродира напредокот кој беше тешко постигнат“, за справување со антисемитизмот, рече директорот на агенцијата, Сирпа Раутио. Ова го загрозува успехот на првата стратегија на ЕУ за справување со овој проблем, усвоена во 2021 година, додаде таа.

Со цел да се процени влијанието на конфликтот на Блискиот Исток врз антисемитизмот во Европа, извештајот се потпираше на информации собрани од 12 еврејски организации во 2024 година. „Консултациите на Агенцијата за основни права на ЕУ со национални и организации на Евреите во Европа во почетокот на 2024 година покажува драматично зголемување“ на антисемитистички напади, рече Раутио.

Во Франција, 74 отсто од Евреите веруваат дека конфликтот влијае врз нивното чувство на безбедност, највисоки резултати во споредба со другите земји. Во Европа, 76 отсто од испитаниците го кријат нивниот идентитет, „барем понекогаш“, додека 34 отсто одбиваат да присуствуваат на Еврејски настани или локалитети „бидејќи не се чувствуваат безбедно“.

Една позитина работа наведена во извештајот на ЕКРН е дека многу лидери на ЕУ земји-членки и претставници на национални, регионални и локални власти и граѓански организации, како и политичари и личности и чинители од светот на културата и религијата, меѓу другите, јавно ја покажаа својата солидарност со еврејските заедници во Европа после 7 октомври. Во извештајот се споменува дека некои влади исто така ги зајакнале безбедносните мерки за заштита на еврејски институции од антисемитистички напади и потенцијални терористички напади.

Но, истото не се практикува за муслиманските заедници. ЕКРН нагласи дека „говорите на голем број политичари и други јавни чинители содржеле аспекти на антимуслимански расизам и ксенофобична реторика или ја користеле заканата од таканаречената исламизација на европските општества, за да добијат гласови на избори“. „Оние кои го користат тој наратив ја експлоатираат неинформираноста на луѓето“, рече претседателот на ЕКРН, Бертил Котие. „Јавните чинители, не само политичарите, туку и оние од забавниот свет и спортот, треба да се спротивстават на таквиот дискурс“, додаде тој.

Франција, дом на една од најголемите муслимански заедници во Европа која брои речиси шест милиони припадници од муслиманската вера, пријавиле 242 инциденти на антимуслиманска омраза во 2023 година, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин во февруари, што претставува зголемување од 30 проценти во споредба со претходната година.

Состојбата со евреите пред војната во Газа

Истражувањето спроведено од Агенцијата за основни права на Европската Унија не се однесува само на ситуацијата со Евреите во Европа после нападот на Хамас, туку и на тоа како евреите ја опишуваат нивната ситуација пред почетокот војната врз Газа.

80 проценти од испитаните Евреи изјавиле дека чувствуваат дека антисемитизмот се влошил во последниве години. Најчестите „негативни стереотипи“ со кои се соочиле испитаниците вклучуваат обвинувања дека Евреите „управуваат и ги контролираат финансиите, медиумите, политиката или економијата“. Многумина исто така пријавија дека се соочуваат со негирање на правото на Израел да постои како држава.

Вкупно четири проценти од испитаниците во 2023 година рекоа дека физички биле нападнати за време на дванаесетте месеци пред анкетата-двојно повеќе во споредба со 2018 година. Околу 60 проценти од испитаниците изјавиле дека не се задоволни од напорите на нивните влади за справување со антисемитизмот.

Истражувањето опфати 13 земји-членки на ЕУ, каде што живее 96 отсто од еврејското население на блокот: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Романија, Шпанија и Шведска. Еве некои примери од ова истражување и од извештајот на Стејт департментот на САД.

Сегашната состојба со антисемитизмот и антимуслиманскиот расизам во Австрија, Германија, Бугарија и Романија

Австрија: 76 проценти од испитаниците веруваат дека има пораст на антисемитизмот во петте години пред спроведување на анкетата. Просечниот број во ЕУ беше 80 проценти. Една година пред анкетата да биде спроведена, 38 проценти биле предмет на антисемитистичка дискриминација, слично со просекот на ЕУ. Пет проценти исто така пријавиле дека биле нападнати таа година. Како резулттат на овие искуства, многу луѓе се чувствуваат принудени да ја кријат нивната религиозна припадност во јавност. Во Австрија, 29 проценти од еврејската популација некогаш не носат еврејски симболи во јавност поради безбедносни причини.

Центарот за документација на исламофобија и антимуслимански расизам регистрирал 1522 случаи на расистички напади врз муслиманското население во 2023 година. Ова претставува највисока бројка од почетокот на документирањето во 2015 година, рече директорката на центарот, Румејса Дур-Квидер, за време на презентацијата на извештајот во Виена во мај. Бројот на пријавените случаи особено се зголемил откако ескалира насилството на Блискиот Исток по терористичкиот напад на Хамас во октомври.

Германија: Антисемитистичките напади нагло се зголемија со почетокот на војната. Федералната канцеларија на криминалистичка полиција регистрирала 715 антисемитистички прекршоци во Германија во вториот квартал од 2024 година, вклучувајќи 19 насилни дела што резултирале со седум повреди. Оваа бројка е повеќе од една третина повисока од претходната година.

Бугарија: На крајот на јуни, Извештајот за меѓународна верска слобода за 2023 година на Стејт департментот на САД укажа дека антисемитизмот и малтретирањето на верските малцинства во Бугарија е во пораст. Извештајот наведува дека и покрај законската забрана за ширење на фашизмот или други антидемократски идеологии, властите ретко го спроведуваат законот, а сувенири со нацистички знаци биле достапни во туристичките области низ целата земја.

Некои политички партии и лидери продолжуваат да користат антисемитистички реторики и слики. Извештајот додава дека еврејската невладина организација Шалом често се жали на ескалирањето на говорот на омраза и антисемитизмот, вклучувајќи ги и социјалните мрежи и навредливите графити.

Извештајот, исто така, детално ги опишува бројните случаи на ограничување на верските слободи и насилни напади против припадниците на верските малцинства.

Романија: „Романија е една од ретките земји во Европа, можеби и единствена, каде не се забележани напади врз еврејската заедница и животот на евреите се одвива без инциденти“, рече претседателот на Еврејската заедница во Романија, Силвиу Векслер на перомоцијата на Националната стратегија за спречување и справување со антисемитизмот, ксенофобија, радикализација и говор на омраза за 2024-2027 година во јуни. Општите цели на стратегијата се: спречување и борба против антисемитизмот, ксенофобијата, радикализацијата и говорот на омраза. Стратегијата, исто така, бара да се промовира образованието за инклузија, да се промовира познавањето на еврејската култура и да се поддржат овие напори на меѓународно ниво.

Повикот на Борел за почитување на Универзалната декларација за човековите права

„Секој има право на слобода на мислата, совеста и религија“, се вели во членот 18 на Универзалната декларација на човековите права, усвоена пред 76 години.

За време на 75 годишнината на декларацијата, Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел објави изјава во име на 27-те земји-членки на ЕУ, на кои се приклучија и земјите кандидати како што се: Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Украина, Молдавија, Босна и Херцеговина, потенцијалниот кандидат Грузија, земјите од Европска асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, земјите од Европската економска област, како и Ерменија.

Во изјавата, Борел жали што и покрај времето што поминало од усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права, што го пропиша правото на сите луѓе да имаат, да ја менуваат и да ја изразуваат својата религија или верување, „премногу луѓе во многу делови од светот сè уште страдаат од закани, физички напади, убиства, дискриминација и прогон само врз основа на нивната религија и верување“.

„Европската унија продолжува да се залага за слобода на религија и верување, во странство и дома“.

Жосеп Борел, Високи претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика

Како земјите од ЕУ го казнуваат религиозното насилство?

Според извештајот објавен од страна на Шпанската опсерваторија за верска слобода и совест (ОЛРЦ) за заштита на верските чувства во ЕУ, вкупно 21 земја-членка на ЕУ немаат предвидено казни за навреди на верските чувства на граѓаните, а сите оние кои ги криминализираат овие прекршоци предвидуваат затворски казни.

Исланд, Шведска, Естонија, Франција, Чешка и Хрватска се земјите членки на ЕУ што не предвидуваат казни за навреди на верските чувства.

Сторијата се објавува двапати неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.cipating in the enr.