Скопје – Американската амбадорка во земјава Анџела Агелер вели дека најважно е на претстојните избори да биде донесена вистинската одлука за придвижување на државата напред кон Европската унија. За планот на опозицијата за евроинтегративниот пат на државата, Агелер вели дека тој треба да биде споделен со граѓаните.
Прашана дали ќе побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да го види тој план, Агелер вели дека таа со задоволство би го видела доколку тој сака тоа да го сподели.
– Но, мислам дека е далеку поважно за гласачите и народот на оваа земја да видат и слушнат за тој план и да ги слушнат деталите на секој план што би ги решил тековните проблеми со другите земји. Навистина се надевам дека гласачите во земјава бараат од сите кандидати многу јасно да разберат кои се нивните планови за иднината и како ќе ги спроведат, вели Агелер во интервју за телевизија 24. (1 февруари)
Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и поврзуваат платните системи на земјите од Западниот Балкан
Скопје – Преку проектот на Светската банка за „Модернизација на плаќањата на Западниот Балкан“, во кој учествува Народната банка, како и останатите централни банки од регионот, со натамошна дигитализација и поврзување на земјите од регионот во областа на плаќањата, ќе се работи на олеснување на прекуграничното тргување, зголемување на конкурентноста и намалување на трошоците за меѓународните плаќања, кои во моментов се повисоки и до шестпати во однос на земјите од ЕУ.
Како што информираат денеска од Народната банка, проектот што Светската банка го спроведува во соработка со Регионалниот совет за соработка, Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и со поддршка на Европската комисија, се состои од повеќе столбови. (2 февруари)
Бислими: ЕУ треба да биде движечка сила и за Западниот Балкан
Приштина – Првиот вицепремиер на Косово, задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими ја повика Европската унија да биде движечка сила за Западен Балкан, барајќи европските земји да бидат обединети како во случајот со Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.
По вчерашната одлука на ЕУ да додели пакет со помош од 50 милијарди евра за Украина, Бислими порача дека „обезбедувањето финансии за Планот за раст на Западен Балкан е голем чекор кон интеграцијата“ на регионот во ЕУ.
– Одлуката на Советот на ЕУ ја покажува важноста на единството и заедништвото. Истите морални принципи кои треба да бидат движечка сила и за Западен Балкан. Во таа смисла, обезбедувањето финансии за Планот за раст на Западен Балкан е голем чекор кон интеграцијата во Европската Унија, порача синоќа Бислими преку својата страница на Фејсбук. (2 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.