Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Законски решенија и дигитализација во јавната администрација и услугите за граѓаните најавува министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. На брифинг со медиумите Алиу соопшти дека е при крај подготовката на Стратегијата за реформа на јавната администрација, а со неа се опфатени повеќе закони што треба да се донесат и за кои веќе се почнати активности.

Како што рече Алиу, со законот за плати во јавниот сектор треба да се најде системско решение за платите во овој сектор, а со законот за административни службеници во процесите ќе се применува мерит системот со јасни индикатори.

Дел од пакетот се и законите за органи на државна управа, а ако не биде донесен, како што нагласи Алиу, државата ќе има проблеми во користење средства од ИПАРД 3. (24 април)

Работната група за уставни измени се очекува в среда или четврток да почне со работа

Скопје – Работната група за уставни измени се очекува в среда или во четврток да ја одржи првата седница, потврдија за МИА од Министерството за правда.

Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.

Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови. (23 април)

Костадиновска-Стојчевска: Со изложбата на МСУ во „Кунстхале“ сме дел од актуелниот уметнички миг во Европа

Виена – Во музејот „Кунстхале“ во Виена, македонската современа уметност синоќа беше во фокусот со „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ .

Проектот е инспириран од солидарната колекција на Музејот на современа уметност (МСУ) и е реализиран токму на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

– Кураторите, преку даруваните дела од колекцијата и со новите од авторите што се вклучени во изложбата, поставуваат прашања што се актуелни и денес – можна ли е солидарноста воопшто, или солидарноста меѓу уметниците? Зборуваат за заедништво на спротивставени политички блокови преку уметност, како што се случило по земјотресот во Скопје, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. (21 април)

Ковачевски – Нехамер: Партнерскиот однос и поддршката од Австрија се важни за позиционирање на Северна Македонија во ЕУ

Виена – Помеѓу Скопје и Виена нема отворени прашања, Австрија е најголемиот инвеститор во Северна Македонија, а австриските заложби за евроинтеграцискиот процес на државава се евидентни, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Виена по средбата со австрискиот канцелар Карл Нехамер. Во обраќањето, Ковачевски посочи дека Австрија е најголемиот странски инвеститор во земјава, со инвестиции од над 900 милиони евра до 2022 година, 50 австриски компании се присутни на пазарот во повеќе области.

– Австрија ужива голем углед во Северна Македонија, не само поради нејзиното длабоко разбирање за нашиот регион или нејзината цврста поддршка на нашиот пат кон ЕУ, туку и поради нејзиното силно и континуирано економско присуство во нашата земја, Австрија е најголемиот странски инвеститор во Северна Македонија, рече премиерот. (20 април)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.