Скопје – По победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, не се исклучува можноста од посредување на Стејт департментот за деблокада на евроинтегративен процес на Северна Македонија, велат во изјави за МИА поранешниот амбасадор во САД Васко Наумовски и аналитичарот Марко Трошановски.
Според Наумовски, кој е професор на Правниот факултет во Скопје, не се очекува некаква драстична промена во билатералните односи помеѓу САД и Северна Македонија затоа што ние немаме никакви отворени прашања, но, вели, можни се определени промени во однос на затворањето на отворените прашања коишто се уште постојат на Балканот и во тој контекст да се постават основите за натамошна целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, што во суштина е и една од целите на долгорочната американска надворешна политика.
Аналитичарот Трошановски оценува дека победата на Трамп може да биде и можност за дополнително збивање на европските редови со цел економијата на ЕУ за да остане конкурентна на светски план.
– Загриженоста што се однесува до потенцијалното ослабување на НАТО или напуштање на САД на НАТО, мислам дека се помалку извесни, иако би можело да се очекува заладување на односите, вели Трошановски.
Според него, едностраното наметнување на примирје или мировен договор помеѓу Русија и Украина што го заговараше Трамп, е спротивно на интересите на Брисел.
На прашањето дали може да очекуваме евентуална поддршка од САД во однос на можност за уставни измени со одложено дејство, односно нивно стапување во сила по завршување на преговорите, на што инсистира Владата, за деблокада на нашата евроинтеграција, и Наумовски и Трошановски не отфрлаат таква можност. (6 ноември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.