Скопје – Факт е дека со Преговарачката рамка се случи преседан и билатерализација на пристапниот процесот во ЕУ, но мора да се инсистира да се бара решение во насока на исклучување на билатералните историски, идентитетски и јазични прашања од пристапните преговори и голема грешка беше што во 2022 не се постигна национален консензус. Од друга страна, би било крајно наивно да се верува дека евентуалните уставни измени би биле последниот услов на патот кон ЕУ. Сепак земјава од стратешки причини не смее да дозволи Црна Гора, Албанија и Молдавија да се одвојат од нас и да го пополнат просторот кој ни припаѓа, и историски и географски и економски. Планот за раст и согласно со тоа Реформската агенда, е еден обид да се даде поддршка на земјата, и сите во Западниот Балкан, да се истрае на патот кон ЕУ, но секако не е доволна замена за полноправното членство.
Ова во анализа за МИА го велат Драган Тилев, експерт за европски политики и Александар Кржаловски, аналитичар и директор на Меѓународниот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Европската комисија ја оцени Реформската агенда на земјава како најдобра и пораката од Брисел е дека треба да се направат реформите, но од друга страна постои прашањето со Бугарија. Доколку не го отвориме првиот Кластер во следната година, постои опасност да не се приклучиме кон следниот бран на проширување, кое се споменува за 2030 година. За тоа како ја оценуваат нашата европерспектива имајќи го сето ова предвид, Тилев вели дека земјава не смее да си дозволи да остане надвор од процесот година до година и пол, додека Кржаловски во поглед на уставните измени не очекува ништо да се случи на овој план пред завршувањето на локалните избори во октомври, а за потоа, вели, сето тоа веројатно ќе зависи и од исходот на изборите и евентуалната рекомпозиција на коалицијата потоа.
Тилев смета дека факт е дека во нашиот случај, со Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, како и со Преговарачката рамка, се случи преседан и билатерализација на процесот на пристапни преговори, или на европска интеграција.
– Никој не е среќен поради таа неправда. Но нема фајде од обидите за враќање на тркалото на историјата. Мора да се турка процесот напред, да се впрегнат сите политички и академски потенцијали на земјата и да се изнајде компромисно решение кое нема да задира во нашите историски корени и кои ќе ги стави билатералните прашања на страна од пристапниот процес, вели Тилев, додавајќи дека е голем ризик земјава да се остави надвор од процесот, пред се поради регионалните случувања и геополитиката.
Според Кржаловски, ЕУ смета дека го нашла решението во нашиот случај и ние сме на потег да ги донесеме уставните измени. ЕУ е свесна за можните реперкусии, но „во очите на ЕУ“ на Балканот има поголеми проблеми од нашиот, пред се односот Србија-Косово, а потоа и состојбите, особено во последно време, во Босна и Херцеговина.
– Ние сме и ќе сме на радарот на ЕУ, но не со преголемо внимание, ниту со посериозни обиди да се придвижи ЕУ интеграцијата освен се разбира, ако самите не ја придвижиме со уставните измени, вели Кржаловски.
Според него, Планот за раст и согласно со тоа Реформската агенда, е еден обид да се даде поддршка на земјата, и сите во Западниот Балкан, да се истрае на патот кон ЕУ, но секако не е доволна замена за полноправното членство. (30 април 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
