Скопје – Зголемена поддршка за членство во ЕУ, ниско ниво на доверба во владеењето на правото и разлики за правецот на движење на локално и национално ниво, покажува анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија. Спроведена е во периодот од 8 април до 4 мај 2023, преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците, на национален репрезентативен примерок од 1,204 испитаници, на возраст од 18 и повеќе години.
На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79 отсто од возрасните испитаници одговориле со „да“, што претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.
Анкетата, се посочува, исто така покажа дека поголемиот број граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31 отсто од испитаниците, се додава, се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Северна Македонија, што е најниско ниво до сега, а 65 отсто не се согласиле со оваа изјава. (10 јули)
Османи: Многу лоша и непромислена е одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени
Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да прекине секаква комуникација со власта, вклучувајќи ги и разговорите за уставните измени, е многу лоша и непромислена. Со ваквата одлука, како што рече, опозициската партија уште еднаш потфрли и покажаа дека ниту сака, ниту има намера некогаш да се соочи со кој било предизвик на државата. На ВМРО-ДПМНЕ, оцени Османи, и се важни само власт и моќ, и најави дека ќе продолжат да работат со партијата до последниот ден.
Очекувам да работиме до последниот ден со партијата. Мислам дека е почесно така и од наша страна и покоректно за граѓаните барем еднаш една одлука да донесеме заеднички. Но, ако тоа не дава плод, ние мора паралелно да работиме и со пратеници кои не сакаат да бидат заложници на амбициите и сакаат да поддржат европска перспектива на државата преку имплементирање на нашиот интерес, нагласи Османи.(9 јули)
Бесими: Треба уште некои финеси да се дефинираат со синдикатите
Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими во видео интервју за МИА вели дека според климата и интензитетот на разговори со синдикатите, се блиску до постигнување на договор.
Мислам дека има солидна клима, меѓусебна доверба, волја за решение. Треба уште некои финеси да ги дефинираме и доколку сме со овој интензитет, прашање на денови е кога би го заокружиле прашањето со синдикатите во интерес на сите граѓани, истакнува Бесими, додавајќи дека е рационален оптимист.
Бесими посочува дека е прифатливо коефициентот да се воведе како нов модел и дека неговото врзување со просечната бруто плата, доколку се согласат со синдикатите, би се реализирано од март 2025 година. Дотогаш ќе има транзициски период во кој ќе растат платите, но со која динамика ќе биде тоа, ќе треба да се договорат заедно со синдикатите.
По последниот состанок меѓу синдикатите и Владата што се одржа во средата во Министерството за финансии, синдикатите излегоа со оптимистички изјави дека има напредок и дека ставовите на двете страни се приближуваат. И министерот за финансии е задоволен од текот на преговорите. (8 јули)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.