Брисел – Политиката за проширување на Европската Унија е дефинирана уште во 1997 година и при овој процес не прифаќаме отстапување од условите утврдени со Копенхашките критериуми, изјави водечкиот кандидат на групата Левица за претстојните избори за членови на Европскиот парламент, Валтер Бајер во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР).
– Тоа значи, почитување на човековите права, почитување на владеење на правото. Јас би додал и почитување на синдикалните и на работничките права, вели Бајер за ставот на Левица во однос на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.
Тој нагласува дека Партијата на европската левица (ПЕЛ) е во постојан контакт со сите левичарски сили од земјите од Западниот Балкан, кои, според него, може да одиграат конструктивна улога во исполнување на условите утврдени во Копенхашките критериуми.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Бајер најавува и дека Левица нема да го поддржи реизборот на Урсула фон дер Лајен на местото претседателка на Европската комисија, како што не ја поддржа ниту при изборот на оваа функција во 2019 година.
– Би ја исклучил можноста дека таа ќе добие поддршка од групата Левица во Европскиот парламент. Ние ги браниме вредностите и стратегиите што ги наведовме во нашиот Манифест, а јас не гледам дека г-ѓа Фон дер Лајен е вистинската личност за да ги спроведе, истакна Бајер.
Тој во интервјуто говори и за опасноста од подемот на ектремната десница, еколошката транзиција, Изборниот манифест на Левица, проблемите на земјоделците, миграцијата, како и идеите за ставање крај на војната во Украина.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.