Брисел – Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен упатија порака до Северна Македонија во која повикуваат на напредок на земјата кон ЕУ, заедно со Албанија.
-Во овој критичен момент од европската историја, обележан со неоправданата агресија на Русија врз Украина, напредокот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент. Водени од заедничките вредности и стандардите и одредниците на ЕУ, двете земји се подготвени да го направат следниот чекор кон членство, се наведува во заедничката изјава.
Блинкен и Борел го поздравија како конструктивен компромисниот предлог за преговарачка рамка за С.Македонија и ЕУ, подготвен од француското претседателство, за кој Скопје треба да се произнесе.
Во меѓувреме протестите против овој предлог продолжуваат дневно во главниот град поради тоа што предлогот се смета за “неизбалансиран“ и “во корист на Бугарија“, со која Скопје има билатерален спор. (9 јули).
Чешка подготвена за мазно спроведување на францускиот предлог штом го одобри Скопје
Скопје – Амбасадорот на Чешка во Северна Македонија Јарослав Лудва, изјав дека неговата држава, како актуелен претседавач со Советот на ЕУ, е подготвена да придонесе за мазно спроведување на францускиот предлог за преговарачката рамка, веднаш штом тој биде одобрен од Северна Македонија.
– Чешка отсекогаш била силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Како претседателство со Советот на ЕУ, подготвени сме да направиме се што можеме за да придонесеме за мазно спроведување на Преговарачката рамка предложена од претходното француско претседателство и да организираме меѓувладина конференција веднаш откако таа ќе биде одобрена од РСМ, вели чешкиот амбасадор. (10 јули)
АЕК на јавен состанок ќе додели одобренија за 5Г мрежата
Скопје – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска на јавен состанок ќе додели одобренија за мрежата на петтата мобилна генерација 5Г.
На агендата на првиот јавен состанок на АЕК годинава покрај воведувањето на 5Г во Северна Македонија, се и теми за роамингот на Западен Балкан и напорите за обезбедување поевтин роаминг со ЕУ, сајбер безбедноста како и за заштита на правата на крајните корисници на електронски комуникациски услуги.
САЕК претходно ја утврди најниската висина на еднократниот надомест и начинот на плаќање за добивање одобрение за користење радиофрекфенции од радиофрекфенциксите опсези 700 MHz И 3.x GHZ. (11 јули)
Продолжува потрагата по третиот Македонец на Халкидики
Посиди – Продолжува и денеска спасувачката акција и потрагата по третиот исчезнат македонски државјанин, во Посиди, на првиот крак на Халкидики, откако вчера и завчера беа пронајдени живи неговите двајца пријатели.
Вчерашната акција, во вода, од воздух и на копно, на грчката крајбрежна служба, на военото воздухопловство, на спасувачки тимови и волонтери во Посиди, не донесе резулата во обидите да се пронајде 28-годишното лице. Претходно се пронајдени и спасени 25-годишниот Васил, по два часа поминати во вода, и 30-годишниот Иван, по 19 часа поминати во вода.
Тројцата момчиња влегле да се капат на плажа во Посиди, но набрзо се нашле во беспомошна ситуација, оддалечени од брегот и во лоши временски услови.
Денеска се трага по третото момќе. Од грчката крајбрежна служба, доцна синоќа соопштија дека потрагата „ќе продолжи со разденувањето“, а за било каква разврска ќе информираат со ново соопштение. (11 јули).
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.