Скопје – Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан останува приоритет на полското претседателство со Советот на Унијата, кое почна на почетокот на месецов, вели во интервју за „360 степени, вршителот на работите на амбасадор на Полска во Северна Македонија, Мариуш Бримора. Тој уверува дека Полска не се откажала од Балканот како дел од нејзините приоритети и нагласува дека неговата земја ќе ги продолжи и зајакне активностите за забрзување на пристапувањето на регионот во Унијата.
Во однос на блокираните евроинтеграции на земјава, Бримора најавува дека полското претседателство ќе се вклучи во напорите за надминување на ќор-сокакот обелоденувајќи дека наскоро претставници на полското МНР ќе заминат за Софија каде, меѓу другото, ќе се разговара и за ситуацијата со Северна Македонија.
За „ќор-сокакот“, во кој се наоѓа земјава нагласува дека тоа е сто проценти билатерално прашање и како такво треба да го решат инволвираните земји. Според него, она што можат да го направат останатите членки на ЕУ е да поддржат решение кое е во насока на постигнување компромис на каков било меѓународен форум или на ниво на ЕУ и како што додава дефинитивно ќе поддржат такво решение.
– Но, зависи од вас, да почнете да разговарате и да договорите компромис, истакна Бримора, додавајќи дека засега главна задача на Владата во Скопје е да почне да разговара и што е можно побрзо да дојде до некаков заклучок, кој е прифатлив за двете земји.
Во однос на устаните измени со одложено дејство вели дека некои сојузници на Владата инсистираат дека тоа е возможно, но додава дека од друга страна нема навестување дека Брисел или Бугарија би ја промениле позицијата.
– Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен. Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, како што слушнавте, изјави дека очекува Македонија да ги имплементира уставните измени. Сè е поврзано со стариот латински принцип во меѓународното право – pacta sunt servanda, што значи дека договорите треба да се почитуваат, нагласува Бримора. (17 јануари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.