AFP, ANSA, ATA, BTA, dpa, HINA, TT
Екстремно десничарските противници на воведувањето на заедничката европска валута во Бугарија минатата сабота ги нападнаа канцелариите на претставништвото на Европската Унија во Софија, предизвикувајќи шок и осуда.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Х рече дека имало „шокантни сцени во Софија, каде што канцеларијата на ЕУ беше вандализирана“.
„Во Европа го применуваме правото да протестираме на мирен начин. Насилството и вандализмот никогаш не се решение“, додаде таа.
Бугарската влада на својата официјална страница на Фејсбук „строго го осуди“ нападот.
Протестот, организиран од проруската националистичка партија Вазраждане (преведено од бугарски: преродба), прерасна во вандализам кога демонстрантите се обидоа да упаднат во зградата и со молотов коктел предизвикаа краток пожар кај влезот. Прозорците на првиот кат беа искршени, а зградата беше нападната со јајца и црвена боја.
Толпата палеше слики на водачите на ЕУ, вклучувајќи ја и претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард. Беа уапсени шест лица, а полесно повредени десет полицајци додека ја растеруваа толпата со солзавец. Протестираа околу 2000 до 3000 луѓе.
„Брутална провокација“, а мирен контраст
Досега доста драматично.
Сепак, самиот процес на приклучување кон 20-члената еврозона е комплициран, точно пропишан и екстремно долготраен.
Како мирен контраст на насилните сцени на софиските улици таа сабота, бугарската влада во наредните денови сталожено продолжи со следниот бирократски чекор за приклучување кон еврозоната.
Во понеделникот, Софија побара од Комисијата и Европската централна банка да подготват конвергенциски тестови за Бугарија откако јануарските податоци покажаа дека стапката на инфлација изнесува 2,6 отсто. Со доволно ниската инфлација, земјата го исполни и последниот критериум, стабилноста на цените, за влез во еврозоната.
Условите на Европската Унија за економски влез се осмислени за да се осигура дека економијата на земјата-членка на ЕУ е подготвена да го усвои еврото и ќе може лесно да се интегрира во еврозоната без ризик од пречки во земјата или во валутниот сојуз како целина.
Заедно со инфлацијата и стабилноста на цените, другите клучни мерки за проценка дали транзицијата кон еврото ќе биде одржлива се и солидните јавни финансии, стабилноста на девизниот курс и долгорочните каматни стапки.
Бугарската влада сака да ја воведе валутата до јануари 2026 година. Премиерот Росен Жељазков им кажа на новинарите дека очекува извештајот за конвергенција да биде готов до јуни 2025 година.
Сепак, нападот на канцеларијата на ЕУ во Софија ги изнесе на виделина чувствата на противниците на оваа одлука и нивната ранливост кон експлоатација. Митинзите против еврото организирани од Вазраждане датираат од декември 2022 година, ако не и порано, а партијата се залага за референдум во врска со воведувањето на валутата.
Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков и копретседател на партијата Продолжуваме со промената тврдеше дека иницијаторот на протестот бил Кремљ.
Друг влијателен опозициски политичар, лидерот на МРФ-Нов почеток Дељан Пеевски, го опиша инцидентот како „брутална провокација од страна на банда фашисти насобрани околу [лидерот на Вазраждане Костадин] Костадинов“.
Четири дена по нападот врз канцелариите на ЕУ, Костадинов пред бугарскиот парламент изјави дека „евроатлантската толпа“ на бугарската влада ги гази желбите на јавноста. Костадинов додаде дека владата „во саботата го доби тоа што го заслужи и сакам да ве предупредам дека овој протест е само почеток“.
Колку лошо може да биде „теврото“?
Соочени со можни поскапувања, Бугарите, општо, не брзаат да го воведат еврото. Според една анкета на јавното мислење спроведена од бугарскиот институт Мјара на крајот на јануари, повеќе од половина од возрасните (57,1 отсто) се против воведувањето на еврото „во принцип“, а 39 отсто се за. Само 25,7 отсто го поддржуваат влезот во еврозоната во 2026.
Но, среде сева оваа драма, како ѝ оди на најновата членка на еврозоната, Хрватска? Земјата го воведе еврото во јануари 2023, наспроти голема јавна дебата околу покачувањето на цените и губењето на монетарниот суверенитет.
Воведувањето на еврото во Хрватска се случи во екот на порастот на цените, не само во Хрватска, туку и низ цела Европа, кој започна многу порано и не беше поврзан со транзицијата кон еврото.
Иако официјалната статистика покажа дека воведувањето многу малку влијаело врз цените, противниците на еврото го обвинуваат за високата инфлација – и покрај фактот што слични земји што го немаат еврото, какви што се Унгарија, Полска и Романија, имаат уште повисока инфлација.
Сепак, јавноста тешко ги прифаќа аргументите дека еврото не е виновно. Според последните анкети во врска со ЕУ од декември лани, Хрватска е единствената земја од еврозоната во која повеќе луѓе мислат дека валутата е лоша за нивната земја одошто мислат дека е добра – 44 отсто од испитаниците во Хрватска сметаат дека еврото е добро за нивната земја, а 46 отсто мислат дека е лошо.
За споредба, просечната поддршка на заедничката валута во сите земји од еврозоната е 71 отсто.
Одбојноста кон заедничката валута и не е нешто ново. Воведувањето на еврото пред 25 години не беше љубов на прв поглед, бидејќи многу граѓани уште тогаш го доживеаја преминот како несакано покачување на цените.
Во Германија валутата беше наречена „тевро“, досетлива кованица од зборот „теуер“ (што значи скапо) и евро.
Но, со текот на времето, земјите-членки на ЕУ ги смекнаа ставовите, придобиени од леснотијата на патување и правење бизнис-зделки и вон своите граници без да се грижат за промените во девизниот курс.
И во Шведска, долги години скептична кон еврото, мислењата се сменија. Референдумот во 2003 резултира со 56 отсто од гласачите против еврото – бројка што во анкетите се искачи на речиси 80 отсто противници за време на финансиската криза во еврозоната.
Анкетите на јавното мислење во 2024 покажаа многу попозитивен став и пораст од 23-те отсто во 2023 година на 34 отсто лани, бидејќи слабата шведска круна, погодена од пандемијата на Ковид-19 и војната во Украина, предизвика на Швеѓаните да им биде поскапо да патуваат во странство.
Еврото надвор од ЕУ
Дека има поволности од валутата покажуваат и земји што не се членки на ЕУ. Еврото многу години се користи во Албанија. Оваа балканска земја е во процес на приклучување кон ЕУ и Албанија најчесто извезува на пазари каде што се користи заедничката европска валута. Многу Албанци што живеат во странство испраќаат пари дома во евра.
Косово, кое не е членка на ЕУ, исто така го користи еврото од 2002, и покрај тоа што некои членки на валутната унија не ја ни признаваат земјата.
А сакате да знаете уште нешто чудно за воведувањето на заедничката валута? Германците германските марки сè уште си ги менуваат во евра речиси 25 години подоцна.
Германија е една од шесте земји – заедно со Австрија, Ирска, Естонија, Летонија и Литванија – кои сè уште дозволуваат нивните поранешни валути да се разменуваат за евра.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.