Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Дезинформациите и кризите се во меѓузависна врска, а проблемот е што луѓето денес се соочени со толку многу дезинформации, поради што им станува тешко да разграничат на кои извори може да им веруваат, вели во интервју за МИА претседателката на ЕУ Дисинфо Лаб, Диана Валис.

Во услови на војна во Украина и интензивирање на судирите на Блискиот Исток, Валис вели дека под ударот на дезинформациите на кои се изложени, граѓаните почнуваат да се сомневаат и во изворите кои би требало да се веродостојни. 

– Дури и институција како Би-Би-Си е цел на критика затоа што наводно не ги прикажува двете страни како што треба. Така, луѓето почнуваат да се сомневаат и во некои извори кои би требало да се добри. Кога ќе настане таква недоверба кај луѓето, тие се вртат кон алтернативните извори кои, како што знаеме, можат да бидат многу опасни, вели Валис. (22 октомври)

Маричиќ – Пич: Западниот Балкан мора во ЕУ, нема друга опција за трајна стабилност на регионот

Скопје – Обединетото Кралство продолжува да дава поддршка на ЕУ интеграција на Западниот Балкан, со очекување Северна Македонија да го забрза процесот на преговори, истакна британскиот специјален претставник за регионот, Лорд Стјуарт Пич на состанок со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Маричиќ и Пич се согласија дека секое кочење на евроинтеграцијата ќе значи простор за мешање на трети страни. На средбата било разговарано за текот на преговорите и идните планови на Северна Македонија на патот кон ЕУ, како и за политичките случувања во регионот.

Средба на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ британскиот специјален претставникза
Западниот Балкан, лорд Стјуарт Пич. Фото: МИА

Маричиќ укажа дека Северна Македонија припаѓа на заедницата на европски вредности и ја посочил важноста на политичката посветеност која ја имаме од Обединетото Кралство на патот кон ЕУ, како и севкупната поддршка во нашите демократски и реформски процеси. (20 октомври)

Демостат: Застојот на патот кон ЕУ ги прави земјите од Западен Балкан ранливи на кинеското влијание

Белград – Влијанието на Кина претставува сериозен економски и политички проблем, особено кога станува збор за усогласување на политиките на земјите аспиранти, како на пример Македонија, со тие од ЕУ, се наведува во анализата на белградски Демостат насловена „Влијанието на Кина врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“, јави дописникот на МИА од Белград.

Ана Крстиновска, една од авторите на оваа публикација, смета дека кинеското влијание во земјите од Западен Балкан е најизразено во трговските односи, а во последната деценија најмногу порасна благодарение на воспоставената соработка меѓу Кина и Централна и Источна Европа, но и стагнацијата на некои земји од Западен Балкан кон ЕУ му отвори дополнителни можности на Пекинг да го зголеми своето влијание, без разлика дали се работи за бизнис или некој друг вид влијание. (22 октомври)

Германскиот министер за одбрана го одложи патувањето на Балканот поради војната во Газа

Берлин – Поради кризата на Блискиот Исток, германскиот министер за одбрана Борис Писториус го одложи патувањето на Балканот што требаше да започне утре, јави ДПА.

Борис Писториус, германски министер за одбрана. Фото: Мориц Франкенберг/ДПА

Бидејќи не е јасно како ќе се развива ситуацијата во Израел и Газа, Писториус нема да замине на тридневното патување на Балканот, како што првично беше планирано, соопшти денеска Министерството за одбрана.

Германската војска распореди сили со цел да се подготви за евентуална воена евакуација на германски државјани од Блискиот исток. (22 октомври)

Македонскиот јазик првпат во официјален документ на ФУЕН

Тирана –  Федералната унија на европските националности (ФУЕН) првпат објави документ на македонски јазик.

– Ова е историски ден за Македонците во Албанија. Чувствувам огромно задоволство и радост што брошуратa на работната група на словенските малцинства (АГСМ) при ФУЕН првпат се објавува и на македонски јазик, информираше Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден” од Тирана.

Брошурата содржи информации за 28 малциства во Европа, меѓу кои се наоѓаат и информации за Македонците во Албанија и Грција. Првото издание на германска јазик од оваа брошура е отпечатено во декември 2019 година. (22 октомври)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.