Скопје – Критериумите за членство на Северна Македонија во ЕУ се многу јасни. Не очекувам никаква промена на Преговарачката рамка и не сметам дека државите-членки сакаат да ги преразгледаат условите за пристапување, вели во интервју за БГНЕС еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
На прашање за тврдењето на некои македонски политичари дека може да има измени во Преговарачката рамка и дали има можности за промена на условите, што Северна Македонија треба да ги исполни, Вархеји рече дека критериумите за членство се јасни.
– Критериумите се многу јасни од 2022 година наваму, кога беше усвоена Преговарачката рамка. Тие треба да бидат исполнети и во таа смисла не очекувам никаква промена. Не сметам дека државите членки ќе ги преразгледаат условите. Јасно е дека тие треба да бидат исполнети, рече Вархеји.
Еврокомесарот изрази надеж дека веднаш по изборите новата Влада на Северна Македонија ќе ја преземе оваа работа и оти земјава ќе продолжи напред со исполнување на критериумите.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.