Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Тирана – Европскиот комесар за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји, на самитот Западен Балкан – ЕУ, што денеска се одржува во Тирана, изјави дека планот за раст е амбициозен и оти предвидува двојно зголемување на средствата за Западен Балкан.

– Западниот Балкан треба да биде интегриран во ЕУ, која мора да ги понуди сите придобивки од членството. Остана половина од времето за спроведување овој план, затоа регионот ќе треба брзо да напредува за да ги заврши реформите. Мора да ги примените правилата на ЕУ. Може да станете дел од европскиот пазар и пред да станете член на ЕУ, рече Вархеји.

Според истиот извор, Планот на ЕУ за ЗБ предвидува забрзано спроведување на потребните рефорни, зголемување на инвестиции, што ќе може да го унапреди процесот на проширување на ЕУ со овие земји. (29 февруари)

Самитот на Западен Балкан почна во Тирана без лидерите на Црна Гора и Косово

Тирана – Лидерите на Западен Балкан се собраа денеска во Тирана на самит посветен на европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.

Учесниците на самитот во Конгресната палата ги пречека албанскиот премиер Еди Рама, кој е домаќин на средбата. На самитот дојдоа премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Албанската телевизија ABC News објави дека претставниците на Косово и Црна Гора нема да бидат физички присутни и дека косовскиот премиер Албин Курти испратил видео порака до собирот. (29 февруари)

Маричиќ: Регионалната соработка на Западен Балкан за Планот за раст е оптимален начин за подготовка за полноправно членство во ЕУ

Скопје – Првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на заедничкиот состанок на вицепремиери и министри за европски прашања на Западен Балкан во Тирана ги истакна предностите и приоритетите на Северна Македонија во фаза на финализирање на стратегијата за Планот за раст со која се дефинирани главните насоки за спроведување на Планот.

Маричиќ ја нагласил детерминираноста за полноправно членство во ЕУ, преку усогласување со политиките и приоритетите на ЕУ, особено преку Планот за раст за Западен Балкан.

– Препознавајќи го значењето на директивите и одлуките на ЕУ, Северна Македонија ветува целосна усогласеност со препораките на ЕУ и резолуциите на Советот. Ние сме целосно посветени на реализација на нашата стратешка цел за членство во ЕУ, изјавил Маричиќ.(28 февруари)

Пендаровски на Самитот Украина-ЈИЕ во Тирана: Ќе пружаме непоколеблива поддршка се додека не се постигне мировен договор

Скопје – Неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да обезбеди помош од 50 милијарди евра, како и изгледите за обезбедување на околу 90 милијарди долари од страна на американскиот Конгрес, се сметаат за соодветен правец на дејствување. Северна Македонија беше меѓу првите нации што и пружи воена, техничка и хуманитарна помош на Украина. Досега имаме испорачано 12 пакети помош, со вкупна вредност од 60 милиони евра, истакна претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на пленарната сесија на Самитот Украина – Југоисточна Европа, што се одржува во Тирана.

Пендаровски, како што соопштија од неговиот Кабинет, нагласил дека заедно со нашите НАТО сојузници и со истомислениците, ќе продолжиме да се спротивставуваме на нападот врз независноста на Украина, барајќи одговорност за сите извршени злосторства со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства. (28 февруари)

Делегација на ЕУ: Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, признавањето на пасошите е работа на секоја членка одделно

Скопје – Важно е Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор, нагласува Делегацијата на Европската Унија во земјава за МИА.

На прашањето за ставот на ЕУ во врска со предложените законски измени за продолжување на важноста на патните исправи до крајот на оваа година, кои се ставени на дневен ред денеска на 145. собраниска седница и дали таквите измени ќе бидат прифатливи за ЕУ, од Делегацијата добивме одговор дека она што е важно за земјава е да ги почитува меѓународните договори, но оти признавањето на патните испрати е работа на секоја држава поединечно. 

– Важно е Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја-членка одделно, се наведува во одговорот на Делегацијата на ЕУ. (28 февруари)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.