Стразбур – Гледам показатели дека оваа Влада има подготвеност да оди напред во евроинтеграциите, ако за тоа има гаранции дека Бугарија нема да поставува нови барања и да го блокира натаму процесот, рече на средба со македонски новинари новиот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија Томас Вајц, јави специјалниот известувач на МИА од Стразбур.
– Треба да се обезбеди промена на Уставот, но и да се обезбеди дека нема да има дополнителни барања, тоа треба да биде обврзувачко и чувството е такво во Европската Унија. Владата тешко ќе може да им објасни на гласачите, ако нема гаранции. Треба да работиме на тоа да се обезбедат гаранции и дека нема да има нови барања, рече австрискиот европратеник Вајц, кој доаѓа од редот на Зелените.
Во однос на барањето на Владата за уставни измени со одложено дејство, Вајц изрази сомневање дека тие би можеле да поминат. – Она што е легитимно е тоа што Владата бара јасност за барањата, но не верувам дека ќе помине барањето за уставни измени со одложено дејство, рече Вајс.
Тој нагласи дека треба да се најдат гаранции дека нема да има натамошни блокади и оти во моментот не го знае точното решение, но за пет до шест месеци може да каже поконкретно решение. Вајц оцени дека земјава станала жртва на билатералното прашање со Бугарија, оти прегoворите не се лесни, но оти новите геостратешки околности по руската инвазија врз Украина, покажаа дека Западен Балкан не е некаде надвор, туку во јадрото на Европа.
Во однос на напредокот во реформите, Вајц кажа дека Северна Македонија напредува подобро од другите држави од Западниот Балкан, но она што недостига е имплементација на законодавството.
– Северна Македонија спроведува реформи порано од другите земји од регионот, имате историски напредок, којшто можете да го надоградите. Но ако се чека, на пример, седум години за да се започне судски процес, тоа не е реформа во судскиот систем. Има уште работа што треба да се направи. Северна Македонија е на добар пат, но работата не е завршена, рече Вајц, додавајќи дека реформите се важни за граѓаните, а не само на хартија. (27 ноември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.