Брисел – Имаме можност конечно да го „отклучиме“ процесот за вистински почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, порача денеска известувачот на Комитетот на надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц презентирајќи го Нацрт-извештајот на ЕП за земјава.
– Извештајот е фокусиран на потребите активности и одлуки што треба да ги донесат Владата и Парламентот на Северна Македонија поврзани со уставните измени кои се на маса. Уставните измени значат вклучување на неколку малцинства во Уставот на Северна Македонија, и само сакам да разјаснам едно, ова е барање што Северна Македонија треба да го исполни во согласност со барањата и стандардите поврзани со пристапувањето во ЕУ. Станува збор за уставни измени поврзани со законодавството на ЕУ, изјави Вајц, додавајќи дека мора да биде јасно оти на европскиот пат на земјата ова нема да бидат последните уставни измени што ќе треба да се направат.
Тој потенцира дека штом се спроведат уставните измени веднаш ќе може да започнат преговорите за членство и да се работи на неопходните теми и дебати.
– Се надевам дека Владата и Парламентот на Северна Македонија ќе реагираат добро на ова и всушност ќе можеме да видиме уставните измени да се случат што е можно побрзо и да почнат преговорите. Мојот јасен впечаток е дека тоа е нешто што го сакаат огромно мнозинство во Европскиот парламент и огромно мнозинство во Владата и од населението во земјата, рече Вајс.
Според него, ваквата широка поддршка за евроинтеграцијата и дава можност на актуелната Влада да испорача согласно законодавството на ЕУ и да спроведе јасни реформи уште во текот на подготовките за преговорите, посочувајќи дека веќе е доста направено кога станува збор за владеењето на правото и борбата против корупцијата.
– Медиумите се слободни да работат во рамките на нивните одговорности. Сепак гледаме странско влијание, како што гледаме и во многу други земји во регионот. Ни треба и малку поголема транспарентност кога станува збор за сопственоста на медиумите, но генерално земјата всушност е на добар пат, додаде Вајц. (18 март)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.