Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски останува на веќе познатиот став во врска со референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ и за што се уште траат партиските консултации за референдумското прашање.

И Ковачевски и лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски вчера од Тетово, каде започна кампањата за советници за вонредните избори на 20 август, ги повторија своите различни позиции по ова прашање.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, вели дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и оценува дека станува збор за манипулација која, како што вели, Мицкоски ја прави прилично неочекувано.

Во интервју се изјасни и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека прашањето за референдум е суверена одлука и нема да го коментира, но дека сепак тука треба да се погледне наназад и да се види широката слика.

Парното поскапува, се подготвуваат нови антикризни мерки

Скопје – Парното греење од денеска поскапува за 14,18 проценти, а месецов се очекува повторно да биде прогласена криза состојба во енергетиката. Од Владата најавуваат нови антикризни мерки за граѓаните и компаниите, а главна задача како што велат ќе биде да се обезбеди струја и други енергенси во текот на зимата. Со соседните држави се разговара за обезбедување алтернативни начини за снабдување со гас, а електроенергетските компании работат на обезбедување ликвидност и суровини за непречено производство на струја.

Ова е второ поскапување на парното годинава и со него просечна сметка од 1800 денари се зголемува за 250 денари. Одлуката за новата цена, според образложението на Регулаторната комисија за енергетика, се должи на драстично зголемените цени на гасот на светските берзи, кој се тргува по десет пати повисоки цени од пред кризата.

Санчез: Можете да сметате на поддршката од Шпанија за членство во ЕУ

Скопје – Северна Македонија е во Европа, како географски, така и историски и сега сте еден чекор поблиску до вашата посакувана цел. Можете да сметате на поддршката од Шпанија на вашите следни чекори за членство во ЕУ, изјави шпанскиот премиер, Педро Санчез во Скопје.

– Го направивте правиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде, рече Санчез на заедничката прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски порача дека посетата е симбол на речиси 30-годишните одлични билатерални односи меѓу двете земји и се заблагодари за поддршка на Шпанија нашата евроинтеграција.

– Со отпочнувањето на преговорите нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично македонско наше, ќе остане автентично македонско и во ЕУ од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна, изјави Ковачевски.

Oваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.