Скопје – Власта ќе ги чека изборите во Бугарија за да изнесе нови предлози за решение како да продолжат пристапните преговори со ЕУ. Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани рече дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно и оти во Владата веќе се водат интерни разговори за изнаоѓање на нови решенија како да продолжат преговорите.
– Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа се работи интензивно на изнаоѓање на решенија и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму, рече Муртезани.
Уставните измени не се од Бугарија, туку од 27-те земји членки на ЕУ,
Орхан Муртезани, министер за европски прашања на Северна Македонија и главен преговарач со ЕУ
Прашан дали има некоја идеја без спроведување на уставни измени, тој вели дека „уставните измени не се од Бугарија, туку од 27-те земји членки на ЕУ“. – Тоа е јасно наведено и во заклучоците на Советот. Ние се обидуваме да го заштитиме процесот. И премерот во неколку наврати и Владата имаат споменато дека не е спорно ништо да се носат уставните измени. Меѓутоа, ние сакаме да бидеме сигурни дека процесот понатаму нема да биде предмет на дополнителни блокади, рече Муртезани.
Премиерот Христијан Мицкоски викендов од Охрид најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.Тој и во понеделникот повтори дека Владата сака да биде проевропска и да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. За ова, според него, имаме поддршка од 26 земји членки, освен од нашиот источен сосед.
Опозицијата бара на затворена собраниска седница за власта да го каже планот за евроинтегративниот процес на земјава.
– Процесот на евроинтеграции на државата е блокиран од страна на Владата. Тие се должни пред граѓаните да го кажат планот со кој би ги подобриле позициите во преговарачкиот процес како што ветуваа во изборниот период. Кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа досега од тоа не видовме ништо, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче. (9 окромври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.