Скопје – Евроинтеграцијата не се гради во Брисел, туку дома, со нашите одлуки и начинот на кој постигнуваме консензус, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), одржана денеска во Собранието.
Гаши нагласи дека ниту едно билатерално прашање не смее да биде пречка за напредокот кон ЕУ, додавајќи дека примерите на Албанија и Црна Гора покажуваат дека процесот е реален и достижен.
– Нашиот натпревар не треба да се одвива во реторика, туку во изнаоѓање заеднички решенија за заедничките проблеми, истакна Гаши.
Претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, предупреди дека државата губи време поради недостиг на политичка волја за суштински реформи.
– Јасно кажува извештајот на ЕУ, реформи нема, го губиме времето. Ова е еден од најлошите извештаи кои државата ги добила, рече Филипче, нагласувајќи дека нема напредок во клучни области како правосудството, борбата против корупцијата и медиумските реформи.
Тој додаде дека е неопходен широк политички консензус за спроведување на реформите и уставните измени, бидејќи, како што рече, Собранието е единственото место каде што треба да се постигне договор за европската иднина на земјата.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања Игор Здравковски истакна дека реформите мора да продолжат, бидејќи секој застој или отстапување од нив ќе нè турне во ќорсокак и ќе значи само загубено време и енергија.
– Прво да си ја завршиме домашната задача, а потоа да гледаме кон дијалог, заклучи тој.
Настанот се одржува под мотото „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“, со учество на пратеници, амбасадори, експерти од правосудството, академици и претставници од Словачка, Албанија и Србија. (26 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
