Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Кавадарци – Европската политичка заедница не е никаква замена за процесот на проширување, ниту за пристапниот процес на вашата земја. Вашиот пат кон ЕУ е веќе многу јасен, објаснет на многу детален начин и вие сте веќе на тој пат на којшто сите чекори се многу добро етаблирани. Европската политичка заедница и состанокот којшто ќе се одржи утре е начин на којшто ЕУ оддава признание и треба да придонесе за заедничко справување со важни  актуелните предизвици, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир.

-Состанокот на Европската политичка заедница е дизајниран да носи, да собере на едно место повеќе партнери, во овој случај партнери од Западен Балкан, ЕУ и други партнери коишто не се дел од ЕУ се со цел да може да дискутираат за прашања коишто се од огромна важност за да може да ги адресираме заедно сите предизвици со коишто се соочуваме. (5 октомври)

ЕК разгледува начини да му помогне на Западен Балкан во справувањето со енергетската криза

Брисел – Северна Македонија побара помош од ЕУ во справувањето со енергетската криза минатата недела во Софија. За сега на оваа помош се одговори со заложба дека земјата и регионот ќе можат да се придружат кон енергетската платформа на ЕУ за заедничка набавка на гас и хидроген.

Што се однесува на горливото прашање со струјата за кое Северна Македонија исто така побара помош и од соседна Бугарија и од Европската Комисија, од Европската Комисија за МИА одговорија дека “ЕУ има јасен интерес да ги вклучи“ земјите од Западен Балкан во мерките за ублажување на последиците од кризата.

-Комисијата изрази намера да обрне посебно внимание кон последиците од војната врз посебно засегнатите сектори во планирањето на ИПА 3 и друга финансиска асистенција преку имплементацијата на Економскиот инвестициски план за Западниот Балкан, вклучително преку натамошна поддршка за енергетската транзиција и диверзификацијата на набавките на енергија во регионот, стои во одговорот на портпаролот за енергија, Тим Мекфи до МИА.

Портпаролот додаде дека преку Економскиот и инвестициски план, преку кој може да се мобилизираат до 30 милијарди евра инвестиции во наредните години за целиот регион, може да се помогне за зајакнување на поддршката во областа на енергијата. За ова Комисијата ќе инсистира и на повеќе критериуми важни за ЕУ.(6 октомври)

Наредна недела антикризни мерки за граѓаните и компаниите, апел за одговорно однесување кон енергенсите

Скопје – Најави и консултации за мерки и помош во справувањето со последиците од енергетската криза и потребната набавка на енергенси, го одбележаа и вчерашниот ден. Заклучокот од вчерашната седница на владиниот Економски совет е дека енергетската состојба е стабилна, a наредната недела Владата ќе излезе со мерки за најранливите категории граѓани и компаниите. Испратен е и апел за одговорно однесување кон енергенсите. На Економскиот совет коморите и синдикатите ги повторија своите барања, а ставови и совети изнесоа и експерти, универзитетски професори и академици. Во меѓувреме, продолжи и комуникацијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу предлозите на опозициската партија, но и меѓусебните обвинувања во однос на блокадата на законите со кои треба да се делува во услови на прогласена кризна сосојба во енергетиката.

На состанокот на Економскиот совет биле разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно.

Премиерот Димитар Ковачевски на седницата потенцирал дека се обезбедуваат мерки за помош на компаниите преку Развојната банка, кои ќе овозможат ликвидност за компаниите и полесно пребродување на кризата во месеците кои следат. (6 октомври)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.