Скопје – Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА, правејќи паралела меѓу она што се случи на декемврискиот Самит на ЕУ, кога т.н. „кафе на Орбан“ го овозможи донесувањето одлука за почеток на преговори за Украина и Молдавија и дали ваквиот начин на носење одлуки бил можен и за Северна Македонија, вели дека решението за земјава е ставено на маса во јули 2022 година кога се отворени пристапните преговори, а за да се премине на следниот чекор, потребно е спроведување на уставните измени, што е суверена одлука на самата држава.
– Решението за овој проблем беше ставено на маса со договорот во јули 2022 година, со кој Северна Македонија отвори пристапните преговори со ЕУ, притоа го отпочна и заврши скрининг процесот. Сега, за да се премине на следниот чекор, во согласност со договорот од јули 2022 година, потребно е да се спроведат уставни измени за граѓаните кои се идентификуваат како Бугари. Ова е суверена одлука на самата земја, а не на земјите членки на ЕУ. Одлуката е во ваши раце, истакна Гир. (13 јануари)
Маричиќ: Во фаза сме кога ни е потребна поддршка за евроинтеграциите
Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ осврнувајќи се на евроинтеграциите рече дека треба да се земат предвид советите од амбасадорите во земјава, но оти и амбасадорите треба да ги земат предвид околностите и нашите ставови.
– Ние треба да се навикнуваме дека во текот на евроинтеграцискиот процес секоја земја може да излезе со свои забелешки. Засега направивме се што можеше што не е поврзано со уставните измени. Таа ќе биде на масата затоа што е запишана во преговарачките услови. Во меѓувреме Молдавија и Украина ќе го поминат скринингот и ќе стасаат до фазата во која се наоѓаме ние, вели Маричиќ.
Тој нагласи дека сме во фаза кога ни е потребна поддршка за европските интеграции.
– Многу е важно да добиеме поддршка. Свесни сме за недостатоците, но убеден сум дека ќе ги надминеме, истакна Маричиќ. (15 јануари)
Ковачевски-Шмид: Северна Македонија значајно придонесе за ОБСЕ и за европската безбедност
Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Виена се сретна со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, било поздравено успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, со што државата уште еднаш ја покажа посветеноста кон мултилатерализмот.
Ковачевски и Шмид констатирале дека претседавањето со ОБСЕ претставуваше комплексна задача, што земјата успешно ја заврши во услови на најголема безбедносна и геополитичка криза во Европа по Втората светска војна.
Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека како членка на Тројката, Северна Македонија е подготвена да ја пружи сета поддршка на актуелниот претседавач Малта и да продолжи да придонесува во процесите за севкупната европска безбедност и стабилност.
На средбата се разговарало и за претстојните изборни процеси, како и за важноста на ОБСЕ на тој план. (15 јануари)
Бочварски – Дрекслер: Ја зголемуваме економската соработка меѓу Сверена Македонија и Германија
Скопје – Соработката меѓу Северна Македонија и Германија е на одлично ниво и треба да продолжи во сите области кои се од заемен интерес. Северна Македонија е посветена на евроинтеграциите, а поддршката од Германија е повеќе од добредојдена, констатираа на денешната средба министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и амбасадорката на Германија во земјава Петра Дрекслер.
Како што информира Министерство за транспорт и врски, Бочварски информираше за силниот инвестициски циклус во инфрастурктурата со посебен осврт на проектите во патната и железничката инфраструктура и гасификацијата.
Тој истакна и дека Северна Македонија го либерализираше железничкиот пазар, процес нотиран од страна на Европската Комисија. На средбата се разговараше и за добрата поврзаност со Германија во делот на авиосообраќајот. (15 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.