Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

AFP, Agerpres, BTA, dpa, EFE, HINA, MIA

Оваа 2024 беше изборна година од глобални димензии, со претседателски и парламентарни избори во 74 земји и резултати кои беа во корист на голем број политички преференции. 

Сепак, се појавија и неколку сличности, како на пример просечниот пораст на излезноста, тенденции за воведување на „задолжителното гласање“ и казнување на владејачјите партии на изборите. 

Мексико и Северна Македонија првпат избраа жени претседателки. Претседателските избори во Романија беа поништени по првиот круг, првпат во историјата. 

Европски избори – свртување кон десно 

Европските избори во јуни, едни од најважните глобални избори во 2024 година, донесоа нов Европски парламент повеќе наклонет кон десницата, како одраз на конзервативните тенденции во многу земји од Европската Унија. Тоа доведе и до Европската комисија во која десно центристичката Европска народна партија (ЕПП) доминира повеќе од било кога досега. 

Неодамнешниот извештај на Европскиот центар за истражување на популизмот наведува дека најмалку 60 популистички партии од 26 земји членки на ЕУ освоиле места во Европскиот парламент на изборите во јуни, додека во 2019 година бројот на застапеност на овие партии бил 40 во 22 земји. 

Консолидацијата на популистичката десница беше потврдена на европските избори и на националните избори во 2024 година во Европа, каде што сè повеќе екстремно десничарски партии станаа дел од владини коалиции, како во Холандија, или беа далеку помоќни во балансот за силите. 

Според извештајот, популистичката десница зајакна во практично сите земји членки на ЕУ, а ваквиот тренд беше поизразена во земји како Франција, Германија, Австрија, Романија и Холандија. 

Поништување, предвремени избори и политички превирања 

Првпат во историјата, на почетокот на декември беа поништени избори во Романија   поради извештаите за руско мешање во изборниот процес. Во Бугарија, граѓаните по седми пат за само четири години излегоа на гласање, а двете најголеми економии на ЕУ – Германија и Франција – доживеаја политички превирања. 

Романија кон крајот на ноември гласаше на претседателски избори на кои во првиот круг неочекувано најмногу гласови освои „прорускиот“ кандидат Калин Џорџеску. По ваквиот исход, на 6 декември, два дена пред вториот круг на гласање, Уставниот суд на Романија донесе „контроверзна“ одлука за поништување целиот изборен процес. Во тоа време гласањето на Романците во странство веќе започна. 

Разузнавачките служби објавија дека Романија била „цел на агресивни руски хибридни акции“, а Судот утврди дека целиот изборен процес имал недостатоци. Уставниот суд на Романија тврди дека граѓаните биле дезинформирани во предизборната кампања, при што еден кандидат имал корист од агресивно промовирање со заобиколување на изборните правила, како и преку злоупотреба на алгоритмите на платформите на социјалните медиуми. 

Бугарија во 2024 година ги одржа шестите и седмите парламентарни избори во рок од четири години. Преговорите за формирање влада се во тек. Двете проевропски коалиции Граѓани за европски развој на Бугарија-Сојуз на демократските сили (ГЕРБ-СДС) и Промените продолжуваат-Демократска Бугарија (ПП-ДБ) останаа најголеми политички сили, а на трето место се најде екстремно десничарската партија Преродба со освоени над 13 отсто, еден процент помалку ПП-ДБ. На изборите во јуни партијата освои тројца пратеници во Европскиот парламент, кои се приклучија на екстремно десничарската група Европа на суверените нации. 

На почетокот на ноември, бугарскиот Уставен суд отвори случај со кој се оспорува легитимноста на октомвриските парламентарни избор во повеќе од 50 гласачки места. Во барањето, поднесено од членови на претходното Национално собрание, се истакнуваат наводни прекршоци кои се случиле за време на гласачкиот процес, вклучувајќи купување гласови, манипулирање со броењето на гласачките ливчиња, префрлање на гласови од една на друга партија  и недостиг на задолжителен видеонадзор за време на броењето на гласовите. 

Емануел Макрон (л), претседател на Франција и германскиот канцелар Олаф Шолц. Фото: Мајкл Капелер/дпа

Политичката нестабилност во Франција, втората најголема економија на ЕУ, уследи по предвремените парламентарни избори кои ги свика францускиот претседател Емануел Макрон во јуни, откако екстремно десничарскиот Национален собир (РН) освои убедливо најмногу гласови на европските избори. Но, иако РН победи во првиот круг на парламентарните избори, тој претрпе пораз во вториот круг, како резултати од изборните договори помеѓу левицата и центристите на Макрон. На 13 декември, Макрон го назначи центристот Франсоа Бајру за премиер, предавајќи му ја застрашувачката задача да ја извлече Франција од неколкумесечната политичка криза. 

Тој ја презеде должноста откако Парламентот ја урна Владата на премиерот Мишел Барние во историско гласање недоверба по тензиите околу усвојувањето на буџетот. Бајру е шестиот премиер во мандатот на Макрон и четврти од 2024 година. 

Во Германија на 16 декември, канцеларот Олаф Шолц го изгуби гласањето доверба во Парламентот, со што се отвора вратата за одржување на предвремени избори во февруари, кои би можеле да доведат до негова смена од позицијата лидер на најголемата европска економија и да ги вратат конзервативците на власт. 

Шолц веднаш побара од претседателот Франк-Валтер Штајнмајер да го распушти Парламентот, речиси седум месеци порано од првично планираното. Претседателот има 21 ден да ја донесе таа одлука, чекор кој се смета за формалност. 

Иако Шолц очекувано загуби на гласањето, тоа беше исходот што тој го бараше. Неговата коалиција се распадна по неколкумесечни жестоки внатрешни борби за тоа како да заздрави ослабена германска економија и да се пополни празнината од повеќе милијарди евра во буџетот за 2025 година. 

Шолц веќе е избран за главен кандидат за канцелар на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на изборите, иако во анктуелните анкети неговата партија е на трето место, зад конзервативниот блок на Христијанско демократската унија и Христијанско социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ) и ектремно десната Алтернатива за Германија (АФД). 

Во Австрија, ултрадесничарска Партија на слободата на Австрија (ФПО) стана најсилна политичка сила во земјата, победувајќи на европските избори во јуни оваа година со 25,4 проценти, а потоа и на општите избори во септември со речиси 29 проценти. Но, партијата е далеку од власта поради коалицијата од три други партии – конзервативната Австриската народна партија (ОВП), Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) и либералната НЕОС – кои планираат да формираат влада во јануари, ако успеат да постигнат договор. 

Во Хрватска, за разлика од некои други земји членки на ЕУ, не се случија поголеми промени и ситуацијата остана стабилна како и порано. Парламентарните избори се одржаа во средината на април. Месец дена подоцна беше формирана нова Влада, предводена од десно центристичката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) на Андреј Пленковиќ, кој е на премиерската позиција од 2016 година. На 29 декември, Хрватите повторно ќе одат на гласање, овој пат на првиот круг на претседателските избори. Ако ниту еден кандидат не добие апсолутно мнозинство, вториот круг ќе се одржи на 12 јануари. 

Изборите во соседството на ЕУ и во светот 

Во Обединетото Кралство, ЕУ членка до 2020 година, Лабуристичка партија триумфално се врати на чело на владата со Кир Стармер како премиер, по 14 години владеење на конзервативците. 

Претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија се одржаа во пролетта. Конзервативката Гордана Сиљановска Давкова (ВМРО-ДПМНЕ) стана првата жена претседател на земјата. Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски победи на парламентарните избори, по кои партијата ДУИ замина во опозиција, по 16 години минати на власт во различни коалиции. 

Сместена на крстосницата помеѓу Европа и Азија, поранешната советска република Грузија од „ѕвезда на Европската Унија“ во постсоветскиот простор се најде последна во редот за пристапни преговори. По процесот на зближување започнат пред речиси две децении, Тбилиси одлучи да ги замрзне преговорите за членство во ЕУ, што доведе до масовни протести. 

Тензиите датираат од 2023 година, кога Парламентот започна дебата за закон, сличен на рускиот, за „транспарентност од странски влијанија“. Ситуацијата се влоши откако актуелната и проруска партија Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, победи на парламентарните избори во октомври. Победата не беше призната од опозицијата и Западот, кои обвинија за изборни измами. 

Политичките немири се интензивираа откако Тбилиси одлучи да ги задуши масовните про-ЕУ протести поради замрзувањето на дијалогот со ЕУ и изборот на проруски ориентираниот Михаил Кавелашвили за претседател на државата од страна на Парламентот. 

Молдавија, земја кандидат за членство во ЕУ, исто така одржа избори. Прозападната молдавска претседателка Маја Санду освои втор мандат. Противникот на Санду, Александр Стојаногло, кој се сметаше за проруски кандидат, доби околу 45 отсто од гласовите. 

Излезноста во вториот изборен круг во земјата, растргната помеѓу Европската Унија и Русија, беше повисока од првиот на 20 октомври и изнесуваше 54 проценти. Денот на гласањето беше обременет со обвинувања за руско мешање од страна на Санду и нејзиниот советник за национална безбедност, Станислав Секриеру. ЕУ ја обвини Русија за „невидено“ мешање во гласањата во Молдавија, кои се сметаа за едни од најважните во постсоветската историја на земјата. 

Европските граѓани не беа единствените кои излегоа на гласање. Во Индија, најнаселената земја во светот, се одржаа општи избори – процес толку голем што траеше еден и пол месец. Мексико официјално ја избра Клаудија Шајнбаум за прва жена претседателка во земјата, додека на изборите во соседството, Доналд Трамп ќе се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, што предизвика многу дискусии за иднината на односите меѓу ЕУ и САД

Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.