Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

AFP, ANSA, dpa, EFE, LUSA, STA, TT

Како што изминува климатската конференција КОП30, државите не се согласуваат околу најважните прашања и се наѕира исход ослабнат и од недоволните заложби и од недоволните средства за постигнување на климатските цели. На мета на негодувачите особено се најде данокот на јаглерод – клучната иницијатива на Европската Унија.

КОП30, триесеттата Конференција на потписничките на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, се одржува во бразилскиот град Белем и требаше да заврши во петокот. Но, овој годишен климатски самит на ОН обично се продолжува заради компромисите што се трудат да ги постигнат преговарачите во врска со справувањето со климатските промени.

Домаќинот, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, предупреди за претстојната „климатска апокалипса“, посочувајќи дека има држави што наместо на глобалното вжештување, се фокусираат на безбедноста или дури, пак, отворено го негираат. На пример, Соединетите Американски Држави не испратија своја делегација.

„Нема да имаме енергетска безбедност ако светот е во пламен“, предупреди Лула, велејќи дека конфликтот во Украина уназадил „години и години напори за намалување на емисиите“ на стакленички гасови.

Што сака Брисел?

Европската Унија се стреми да ја пополни празнината и да биде лидер во климатската дипломатија, по тешко постигнатиот договор околу сопствените климатски цели. Пред самитот, Брисел изјави дека има за цел да одигра главна улога во унапредувањето на климатските напори и дома и во светот.

Меѓу нејзините приоритети се да се засилат глобалните напори за ублажување на последиците и за приспособување кон промените; да се мобилизираат повеќе средства за поддршка при климатските промени; како и да се забрза енергетската транзиција кон климатски неутрална економија додека се спроведува правично напуштање на фосилните горива.

На КОП30, ЕУ се заложи за засилено глобално дејствување во врска со климата така што поднесе амбициозен предлог за нов Национално утврден придонес (настојување на секоја земја да ги намали своите емисии и да се приспособи кон последиците од климатските промени) за да се намалат нето емисиите на стакленички гасови за 66,25-72,5% до 2035 г.

Генерална пленарна сесија на лидерите на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП30) во Белем, Бразил, на 7 ноември 2025 година. Фото: Канцеларија за медиумите на КОП30/Анадолу

Проблеми со данокот на јаглерод

ЕУ промовира и наплаќање јаглерод како клучна политика за остварување на климатските цели. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен ги охрабри државите да воведат сопствен домашен систем на наплата на јаглеродните емисии.

„Наплатата на јаглеродот стана главна алатка за намалување на емисиите на стакленички гасови, заснована на солиден деловен план за поддршка на економијата и на луѓето.“

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен

Јаглеродните кредити се сертификати што може да се купуваат и да се продаваат и што претставуваат потврда дека бил намален еден тон еквивалент на јаглерод диоксид од атмосферата. ЕУ воспостави Систем за тргување со емисии и постави ограничувања на количеството CO2 што може да се испушта годишно.

Компаниите мора да купуваат или да добиваат дозволи што соодветствуваат со нивните емисии на CO2. Ова, на пример, би го поевтинило производството на енергија од чисти извори.

Но, една од најголемите несогласици е околу данокот на јаглерод за увоз во ЕУ. „Наплатата на јаглеродот е нешто што треба да го примениме на што е можно повеќе [држави] и што е можно побрзо“, изјави на конференцијата еврокомесарот за клима Вопке Хукстра.

Меѓутоа, Кина, Индија и другите потписнички сакаат КОП30 да донесе одлука против еднострани трговски бариери. Одлуката би се косела со Механизмот на ЕУ за прекугранично ускладување на јаглеродните емисии.

Пробно воведен од 2023 г. со намера да се применува насекаде во 2026 г., овој данок на јаглерод за увозни производи преку границите на ЕУ е наменет за стоки со интензивни емисии на јаглерод при нивното производство, како челик, алуминиум, цемент, ѓубрива, електрична енергија и водород.

Европските индустрии мора да го декарбонизираат своето производство, но така би можеле да ја загубат предноста пред конкуренцијата. Преку наплаќањето данок на јаглерод на своите граници, ЕУ го проширува европскиот принцип „загадувачот плаќа“ и надвор од унијата.

Атмосферата дома се вжештува

Уште пред КОП30, атмосферата во ЕУ се вжешти кога се донесуваа нејзините нови климатски цели.

Земјите членки на ЕУ и европратениците се согласија да се намалат емисиите – но со значително поголема флексибилност и повеќе резервни решенија од тие што ги предложи ЕК.

Европарламентот гласаше за амандман на Законот за клима на ЕУ, со кој се поставува климатска цел за 2040 г. од 90-процентно намалување (што опфаќа до 5% од меѓународните јаглеродни кредити) на нето емисиите на стакленички гасови во споредба со нивоата во 1990 г.

Реакциите на новата климатска цел на ЕУ беа различни. Неколку членки на ЕУ, како Полска и Франција, се спротивставија на целта од 90%, наведувајќи ги како причини економскиот товар, проблемите за индустријата и напнатата геополитичка средина.

Иако договорот општо беше доживеан како силен сигнал, неколку компромиси предизвикаа загриженост кај активистите за зачувување на животната средина. На пример, првичниот предлог на ЕК предвидуваше само до 3% меѓународни јаглеродни кредити. Исто така, поради компромисот ќе се одложат за една година, до 2028 г., плановите за системот за тргување со емисии на ЕУ да ги опфати и зградите и патниот сообраќај.

Шпанија постојано се залага за поамбициозно справување со климатските промени и смета дека целите за намалување на емисиите се компатибилни со економскиот раст и отворањето работни места. Иако смета дека ЕУ пристигна во Бразил со сработена домашна задача, Шпанија ќе отидеше и чекор подалеку од тоа што на крајот беше договорено.

„Текстот не е совршен, но е многу добар“, рече третата потпретседателка на Шпанија и министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици Сара Агесен за европските цели за намалување. Шпанија имаше застанато во одбрана на целта од 90% како „црвена линија“ и беше за ограничување на употребата на меѓународни кредити на 3%.

Шведската влада цврсто се залагаше за цел од 90% за 2040 г. и силен Национално утврден придонес од страна на Европа. Во исто време, владата беше силно критикувана од опозицијата што на КОП30 не го испрати својот министер за клима. Наместо тоа, кралот Карл Густаф учествуваше на состаноците на високо ниво, но ова предизвика и вознемиреност бидејќи кралот во својот говор во Белем изрази сомнеж дека сите ќе го потпишат конечниот документ и изјави дека „останатиот дел од светот е многу полош“ од Европа кога станува збор за емисиите.

Исто така, иако во Белем прикажува единство, во Брисел самата ЕУ повторно се соочува со ризик да се подели околу сопствената зелена агенда. Европратениците минатата недела гласаа за драстични кратења во законите на ЕУ за отчетност во врска со одржливоста и за длабинска анализа. При тоа, се укина обврската претпријатијата да подготвуваат планови за климатска транзиција. Ова го поддржа и конзервативната Европска народна партија на Фон дер Лајен, заедно со партиите од крајната десница.

Нивоа на отпор

Едно друго прашање што предизвика раздор беше притисокот од островските држави – поддржани од латиноамериканските земји и ЕУ – конференцијата да одговори на најновите предвидувања што велат дека светот ќе потфрли во обидот да го ограничи загревањето на 1,5 степени. Но, големите земји во развој, од Кина до Саудиска Арабија, се сомничави кон секој текст што имплицира дека не прават доволно за да ги ублажат климатските промени.

Ланскиот самит во Баку, Азербејџан, заврши со договор развиените земји да обезбедат 300 милијарди долари годишно за финансирање на посиромашните земји во справувањето со климатските промени – сума што доби критики дека е далеку од доволна. Земјите во развој, особено од Африка, сакаат КОП30 да го впери прстот кон развиените земји поради тоа што не обезбедиле финансии за помош во адаптирањето кон климатските промени и намалувањето на емисиите.

Германија годинава придонесе 60 милиони евра, рече министерот за животна средина Карстен Шнајдер. Според владата во Берлин, Германија била најголемиот донатор на Фондот за адаптација од неговото основање во 2007 г.

Индивидуални напори

Освен заедничките политики на ЕУ, има земји членки што даваат фокусирана поддршка или тоа се очекува од нив:

Германскиот канцелар Фридрих Мерц вети „значителна сума“ за фондот Тропски шуми засекогаш,  основан од Бразил. Според фондот за заштита на дождовните шуми, земјите што ги зачувуваат шумите добиваат награди, а тие што уништуваат пошумено земјиште плаќаат казни. Дождовните шуми играат клучна улога во стабилизацијата на климата, меѓу другото и така што апсорбираат јаглерод. Според проценките на Бразил, фондот, чија цел е да достигне 125 милијарди долари, би можел да дистрибуира околу четири милијарди долари годишно по истекот на почетниот период.

Владата на Португалија пред една недела објави дека ќе одвои 1,5 милион евра за финансирање програма за транспарентност на климатските закони донесени во земјите каде што се зборува португалски. Министерката за животна средина Марија да Граса Карваљо изјави дека целта на програмата е да се поддржи справувањето со климатските промени и конкретните закони, така што парите ќе се искористат за специфични предлози што ќе дадат реални резултати во ублажувањето на климатските промени. Сите земји во кои се зборува португалски се наоѓаат во географски области под екстремен притисок од екстремни временски услови, претежно во Јужна Америка и во Африка.

Словенечкиот министер за животна средина Бојан Кумер рече дека неговата земја е доказ дека и малите земји можат да играат важна улога во напорите за справување со климатските промени. Ја спомена целта на Словенија да стане климатски неутрална до 2045 г., поставена во првиот словенечки закон за климата, кој беше усвоен во јули. Словенија одвојува сѐ повеќе средства за справувањето со климатските промени, како преку билатерални проекти, така и преку мултилатерални придонеси во различни фондови, меѓу кои и Фондот за одговор на загуби и штети, кој финансира иницијативи за помош на ранливите заедници да закрепнат од загубите и штетите поврзани со климатските промени.

Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.