Скопје – Последниот извештај на Европската комисија денеска беше разгледан на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања.
За претседателката Гордана Сиљановска Давкова извештајот има многу добри податоци и критики, што добро треба да се анализираат и да се постапи по нив, но понекогаш, кажа, оценките на ЕУ некогаш се раководат од некоја клучна цел, од она што е најважно за неа во моментот. Според неа, ако има оценка или натпревар за политичка спремност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме.
– Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи наликува на време на војна или пред војна и тоа не е време кога можат да се прават реформи. Но, за мене, и претходно и сега ЕУ е уникатна политичка филозофија, перспектива и мотив за демократски реформи и стимулира реформи што водат до траен мир и стабилбост. Сигурна сум дека нашата интегрираност во ЕУ ќе стави крај на феноменот балканизација, како феномен на постојано менување на границите, рече таа.
Сиљановска Давкова посочи дека ЕУ не е невин играч во се што она се случуваше, туку „немаше јасна стратегија, доцнеше на Балканот, побрзи понекогаш беа САД, не беше доследна во мировното здружување, па и денеска преферира двојни стандарди“.
За евроамбасадорот Михалис Рокас, пак, најголема загриженост преставување немањето напредок во областа на владеењето на правото. – Најмногу загрижува областа на владеењето на правото, нема никаков напредок во функционирањето на судството и нема никаков прогрес во борбата против корупцијата, и за последното веќе три години по ред, рече Рокас на заедничката седница.
Според него, клучно е и спроведувањето на уставните амандмани на кои државата се обврза како дел од интегрирањето од Европската Унија. – Јас сметам на вашите чекори да се движите напред, рече евроамбасадрот.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кажа дека Извештајот на ЕК претставува јасен пресек на досегашните постигнувања и на областите во кои реформите треба да се засилат. Тој нагласи дека државата задржува стабилно и добро ниво на подготвеност во низа клучни поглавја, но дека динамиката на напредокот мора да биде поенергична, особено во сегментот на владеењето на правото.
Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски, рече дека ЕП и ЕК секогаш биле сојузници на процесот на проширување на ЕУ, но не и сите земји членки. – На крајот одлуката дали проширувањето ќе биде приоритет ја носи Советот на ЕУ. И таму две или три повлијателни членки можат да одлучат дека процесот не е приоритетен. И денес зборуваме за блокадата од страна на Бугарија. Но, првата блокада дојде во 2018 година од страна на Франција, заради новата методологија. Војната во Украина придонесе проширувањето повторно да дојде на масата и на оние земји кои претходно беа скептици, и испаѓа дека ЕУ реактивно ја следи агендата на проширување, рече Милошоски.
Според него, висок претставник на земја членка на ЕУ бил прилично јасен во неговото излагање дека во моментот во ЕУ не постои консензуз за нови полноравни членки и дека е време да се почне да се размислува за некое меѓурешение коешто би значело повеќе интеграција, но без полноравно членство.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче рече дека иако од 2015 наваму државата вложувала силни напори да се врати на правиот пат, сегашната влада нема никаков интерес за евроинтегративниот процес и повторно не води кон назадување.
– За жал во многу области во кои што порано бележавме успеси, сега има, и тоа се дефинира или како ограничен напредок, или нема напредок или дури на назадување, рече Филипче. Тој исто така предупреди дека ЕУ, која минатата година имала само еден услов за отворање преговорите, а тоа беше решавањето на спорот со соседите по ваков извештај може да воведе и нови услови. (17 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
