Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Најважната порака што ја имам денеска за вас е можноста за проширувањето којашто е поголема сега отколку што била подолго време. Би сакале да ја видиме Северна Македонија како дел од следната група земји што ќе станат членка на ЕУ. Знаете што треба да се направи, а ние сме тука да ви помогнеме и да ве поддржиме тоа да се случи, истакна данската амбасадорка за земјава со седиште во Белград, Перниле Деилер Кардел, претставувајќи ги приоритетите на данското претседателство пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.

– Важно е да се искористи можноста, не може да се гарантира, но можноста за проширувањето е тука, ги знаеме предизвиците, но поважно е да работиме заедно, отколку да бидеме оставени по страна, со цел да се увериме дека оваа убава земја во следното проширување ќе стане дел од ЕУ, истакна Деилер Кардел. 

Данската амбасадорка призна дека до пред извесно време имало замор во проширувањето и оти нејзината земја била таа што не верувала во тој поцее, но, според неа, тоа сега променило. – Сега имаме една единствена порака – дојде време да се здружиме, да бидеме обединети и да продолжиме со проширувањето како еден од главните приоритети на данското претседателство, заклучи Деилер Кардел. 

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани истакна дека во време на глобални превирања потребна ни е Европа што стои цврсто зад европските вредности, а натамошното проширување е политичка неопходност.

– Копенхашките критериуми мора повторно да бидат мерилото според кое се мери напредокот. Не билатералните условувања, туку институционалните капацитети, владеењето на правото и демократскиот легитимитет, рече Муртезани.

Според него, Северна Македонија одамна го прифатила европскиот систем на вредности како сопствени честопати и со висока политичка цена, ја следи европската патека со реформи, компромиси и отпорност.

– Условувањата што излегуваат надвор од европското правно наследство, наметнувањата што го поткопуваат кредибилитетот на процесот, непринципиелните вета и инситирањето на билатерални прашања не е само неправда, туку системски удар врз ЕУ, потенцира Муртезани, додавајќи дека во светот што се менува Европа мора да биде таа што се отвора.

Претседателот на собаниската Комисија за европски прашања Антонијо Милошоски истакна дека го забележал обраќањето на данската министерка за Европа, која што, како што посочи, напоменала дека ставот Данска за проширувањето на ЕУ пред руската агресија во Украина бил порезервиран и поскептичен. 

– По руската агресија врз Украина ставот на данската Влада по однос на темата за проширување се менува, и е позитивен, и се надеваме дека тоа нема да биде само заради Украина, туку дека ќе биде и за целиот регион и за сите оние земји коишто долги години се трудат макотрпно како земји кандидати да направат чекор напред кон евроинтеграциите, рече Милошоски.

Тој оцени дека во овој нов глобален свет, кадешто гледаме и поместување на глобалниот поредок, многу е тешко за Европската Унија да биде кредибилен актер и во Северна Америка, Јужна Америка, Азија, Африка и на други полиња на меѓународно ниво, доколку тоа и не успева во нејзиниот двор.

– А Западниот Балкан е најприродниот двор, каде ЕУ не успеа да биде кредибилен актер којшто ќе ги придвижи процесите на членство во вистинска насока без децениско повторување на истите фрази дека моментот е сега, кој го слушаме уште од Хавиер Солана пред 20 години, потенцира Милошоски.

И денес, продолжи Милошоски, повторно слушаме дека моментот е сега, но не сме сигурни дали ЕУ има капацитет овој момент сега да го преточи во еден календар којшто ќе даде извесност дека земјите кандидати во следните три, шест или осум години ќе станат земји членки на ЕУ, без да бидат попречувани на теми коишто немаат допирна точка со Копенхашите критериуми. (14 јули 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.