Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Руската воена агресија врз Украина и растечките геополитички предизвици ја нагласуваат потребата од сè посилни врски меѓу ЕУ и Западен Балкан, се наведува во „Декларацијата од Брисел“ усвоена на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, на кој учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

– Ние, лидерите на Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји членки, во консултација со нашите партнери од Западниот Балкан, денеска го заклучивме следново: Денешниот состанок ги покажува силата на нашите односи и придобивките што им ги носи на нашите граѓани. Состанокот е најзначајна можност во годината за повторно потврдување на стратегиското партнерство меѓу Европската Унија и Западниот Балкан, се наведува во Декларацијата.

Во документот се реафирмира целосната и недвосмислена посветеност на перспективата на Западниот Балкан за членство во Европската Унија.

– Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи. Ги поздравуваме новата динамика и постигнатиот напредок од последниот состанок. Забрзувањето на процесот на пристапување, заснован врз веродостојни реформи од партнерите, праведна и ригорозна условеност и врз принципот на сопствени заслуги е во наш меѓусебен интерес. Проширувањето е геостратегиска инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет, како што е наведено во Декларацијата од Гранада. Итноста на нашето време бара одржлив моментум. Земјите аспиранти за членство треба да ги забрзаат своите реформски активности. Паралелно, Унијата треба да ги засили своите интерни темели и реформи, се истакнува во „Декларацијата од Брисел“.

Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, 17 декември 2025, Фото: Европски совет

Во документот се потенцира дека инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и за спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

– Сè уште се потребни одлучни натамошни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за наоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото, а во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и Договорот за прашањата на сукцесија, како и преостанатите случаи на исчезнати лица и прашањата за воени злосторства, се додава во текстот.

Во Декларацијата се нагласува дека ЕУ ја поздравува посветеноста на партнерите од Западниот Балкан да ги почитуваат европските вредности и принципи во согласност со меѓународното право, приматот на демократијата, фундаменталните права и вредности и владеењето на правото и од нив очекува ова да го покажат со зборови и со дела, преземајќи одговорност и спроведувајќи ги потребните реформи, особено во областа на фундаменталните принципи.

– Слободата на изразување, независните и плуралистичките медиуми, родовата еднаквост и силната улога на граѓанското општество се клучни за да се обезбеди функционална демократија. ЕУ ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците на малцинствата и нивен рамноправен третман, се вели во документот. (17 декември 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.