Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Политиките на ЕУ кон регионот на Западен Балкан се лакмусов тест за нејзината глобална амбиција да стане  поефективен глобален играч, изјави заменикот министер за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски во обраќањето на научно-стручната конференција на тема: „Кон безбедна евроатлантска зона во глобализиран свет: Поврзаноста меѓу безбедноста и владеењето на правото“ организирана од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот Универзитет во Тетово.

– Европскиот континент, нашиот споделен дом, се соочува со досега невидени предизвици – војната во Украина надополнета со пошироките геополитички тензии и несигурност ја покажаа длабоката ранливот на европската безбедноста архитектура. Тоа создава вонреден притисок врз целата евроатлантска заедница да реагира на кохерентен и принципиелен начин. Во овој променлив контекст Европа се соочува со критични избори за нејзината идна улога. Амбицијата на ЕУ да ја зајакне својата геополитичка и геоекономска позиција, и да стане поефективен глобален играч е навремена и неопходна. Потребна ни е силна и обединета ЕУ која цврсто стои во одбрана на меѓународниот поредок втемелен на правила. Но, цврсто веруваме дека овие аспирации почнуваат тука, на Западниот Балкан, регион кој гледа кон ЕУ со надеж и определување да и се приклучи. Тоа е регион кој веќе е длабоко интегриран во области како трговија, инвестиции, енергетска конективност и надворешната и безбедносна политика. Токму затоа политиките на ЕУ кон овој регион се лакмусов тест за нејзината глобална амбиција. За ЕУ да делува одлучно тука, тоа не е само стратешки туку и геополитички императив, рече Димитровски.

Тој меѓу другото нагласи дека во контекст на справување со новите софистицирани закани и светот кој станува се повеќе мултиполарен, владеење на правото не е само правен или морален идеал, туку стратешко средство за националната и колективната безбедност. Toa e, вели Димитровски, и клучен столб во балансот на меката и тврда безбедност каде воената подготвеност, разузнавачките капацитети и одвраќањето се суштествени и мора да се базираат на робусни демократски институции, независно судство и транспарентно владеење.

– Од македонска перспектива свесни сме дека има уште многу да се работи за да се постигнат неопходните европски стандарди. Нема скратеки патеки и претстојат уште многу предизвици, но постветени сме да работиме напорно на унапредување на секоја област. Токму затоа потребен ни е процесот на интеграција во ЕУ, не како цел туку како водич и поддршка кон нашата забрзана трансформација во согласност со споделените европски вредности, рече Димитровски.   

Целта на дводневната конференцијата е да поттикне конструктивен дијалог на претставници на академската заедница, институции, експерти и на граѓанското општество за сложениот однос помеѓу безбедноста и владеењето на правото, испитувајќи како овие два столба можат меѓусебно да се зајакнат во стремежот кон стабилна и отпорна евроатлантска област. (2 јуни 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.