Скопје – Домаќинствата ќе имаат и струја и парно, уверуваат надлежните и посочуваат дека се работи на обезбедување на енергенси и покрај забелешките дека граѓаните се ставени во неизвесност на околу две недели пред почетокот на грејната сезона. Вчера министерот за економија Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски во обидоа да појаснат како ќе набавиме гас од Србија, со оглед на забелешките на експертите дека „Газпром“ кој ја снабдува Србија не дозволува препоредавање на неговиот енергенс.
Бектеши уверува дека ако се потпише договор со Србија, ќе набавиме гас по најмалку три до четири пати пониски цени од берзанските и додаде дека се преговара со „Србија гас“, а не со „Газпром“.
Ковачевски, пак, истакна дека не се работи за купопродажба на гас, туку за размена на гас за електрична енергија. Преговорите биле во тек, а кога ќе има конкретни резултати ќе ја информирале јавноста. (29 септември)
Економско-енергетскиот совет одлучи да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар
Скопје – Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи да почне постапкатаза издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ, соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски.
На вонредна прес-конференција потенцира дека парно за скопјани ќе има, како и дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври.
Според премиерот, основните и средните училишта низ земјава ќе бидат префрлени на регулираниот пазар, додека сите здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.
Тој уверува дека потрошувачите ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија. (28 септември)
Битиќи: Клучните причини за миграцијата доаѓаат од недовербата во институциите
Скопје – Од 2011 до 2019 година од нашата држава се одлеале 700 илјади наши сограѓани или скоро секој четврти заминал од државата. Иако тој тренд се намалил во ковид периодот, за жал, тоа претставува сериозен проблем, не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политиките туку за целото општество, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи
Петте клучни причини за ваквиот тренд, според него, доаѓаат од недовербата во институциите во смисла на висока корупција.
-Големата политичка нестабилност беше на прво место, а другите се подобар животен стандард, проблеми со образование, проблеми со здравство, проблеми со перспектива за децата, тоа се работи коишто веројатно заради погрешните политики 30 години придонел да дојде до ова, истакна Битиќи. (27 септември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.